Уставниот суд укина решение со кое се одобрува градба на хотелски комплекс на крајбрежјето на Дојранското Езеро. Како што наведуваат од Уставен суд, укинато е решението донесено од градоначалникот на општина Дојран на 16.05.2018 година, со кое се одобрува локална урбанистичка планска документација за дел К.П. бр.1073 и др. за К.О. Сретеново, Општина Дојран, изработена од ДГПТУ „СТАН АРТ“ ДООЕЛ Куманово, со тех.бр.26.01.12/17 од април 2018 година, кој опфат опфаќа простор од 4309,00 m².

Судот утврди дека не била во целост почитувана постапката за донесување на решението и со тоа се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, односно владеењето на правото, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина.

Дојранското Езеро е прогласено за споменик на природата согласно закон со којшто е утврден посебен режим на негова заштита. При донесување на оваа одлука, Судот направи анализа на Законот за прогласување на Дојранското Езеро за споменик на природата и во таа насока утврди пропуст во постапката за донесување на конкретната локална урбанистичко-планска документација, односно Уставниот суд констатира дека не е испочитувана обврската за обезбедување на согласност од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Исто така оваа обврска е пропишана и во Законот за заштита на природата.

Дополнително, Уставниот суд утврди дека нема доказ дека одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина е објавена на веб-страницата на општината, што претставува законска обврска во постапката за донесување на плански документи со коишто се уредува и планира просторот.

Покрај деветте иницијативи со кои се оценуваше уставност и законитост на дневен ред на седницата која Судот ја одржа вчера беше ставен и овој предлог за одлучување како конечен, со оглед на фактот дека беше разгледан на 6. Седница на 23 февруари 2022 година, но не доби доволно мнозинство гласови, соопшти прес-службата на Уставен суд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.