Уставниот суд на седница ги укина членовите 75 од Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување на подрачјето на Општина Ѓорче Петров и 8 од Одлуката за измена на Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување на подрачјето на Општина Ѓорче Петров, донесени од Советот на Општина Ѓорче Петров, информираат од Судот.

Според наводите од иницијативата се работи за Одлука со која се утврдува дека сопствениците на кучиња се должни своите кучиња да ги држат во сопствените дворни места, а надвор од дворните места само со кошница на устата и врзани со каиш, не е дозволено чување на кучиња кои постојано лаеле и завивале, не е дозволено чување на кучиња во згради и во нивните дворови освен за кои сопственикот има прибавено писмено одбрение на куќниот совет на колективната станбена зграда.

Во образложението на поднесената иницијатива се вели дека одредбите од оспорените членови на одлуките содржат услови и забрани кои не можеле да бидат предмет на уредување со подзаконски акт и тие директно го повредувале уставниот принцип на владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот) и правото на сопственост (член 30 став 2 од Уставот). Потоа, оспорените одредби регулираат забрани без постоење на јавен интерес утврден со Закон (член 30 став 3 од Уставот) и со нив директно се задира во правото на приватната сопственост по две основи, и тоа забрана за чување на куче и ограничување на користење, плодоуживање и располагање со својот сопствен стан, спротивно на член 10 став 1 алинеја 6 и членовите 6 и 7 од Законот за сопственост и други стварни права.

Со оспорената одредба според подносителот од Одлуката се повредуваат и темелните вредности на уставниот поредок: хуманизмот, уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, почитувањето на општо прифатените цивилизирани норми на меѓународното право (член 8 став 1 алинеи 8 и 11 од Уставот). Оспорените одредби се спротивни на антидискриминаторската клаузула на општеството со оглед дека граѓаните во Република Македонија се наполно рамноправни во уживањето на слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествента положба односно тие се еднакви пред Уставот и законите (член 9 од Уставот).

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се повредува и членот 30 од Уставот, односно со безрезервната и изречна ius cogens забрана да се чува куче се повредува и правото на сопственост, кое подрзабира полна власт врз стварите и нивно поседување на: апсолутен начин (без полагање на сметка за начинот на користење на своето природно право), исклучив начин (исклучување на државата и другите субјекти од располагање со нештото), како и стален начин (можност стално да се располага со нештото, па дури и постхумно).

Оттука, оспорената одредба со која се ограничувале станарите на зграда да чуваат кучиња не го исполнувала предвидениот уставен услов сопственоста да служи за доброто на поединецот и на заедницата. Со одредбата се нарушувале социјалните односи на имателите на кучињата со нивните домашни миленици, а напуштањето на милениците заради ваквата одредба, би создало проблем на зголемување на бездомни кучиња, што пак не било за добро на заедницата. Исто така, јавен интерес било да се има што повеќе здомени, а не што повеќе бездомни кучиња, уште повеќе што оваа несразмерна мерка немала основ во ниту еден закон.

Од друга страна, правото на приватност, станарското право и правото на неповредливост на домот, содржеле право на секој човек на достоинствен, слободен и спокоен личен и семеен живот, кој тој би ги градел врз основа на сопствените, а не врз туѓи критериуми и вредности. Оттука, ограничувањето на бројот и видот на милениците било суверено право, за кое било дискутабилно дури и дали може да се ограничи со закон, а камоли со подзаконски акт на единицата на локалната самоуправа.

Од значење било и тоа што согласно член 26 став 2 од Уставот, правото на неповредливост на домот можело да се ограничи само со судска одлука, што во хипотетичка ситуација значело дека станарите имаат право да тужат кога постои куче кое ги вознемирува. Секое куче што се чува во стан го нарушува мирот и спокојот на соседите било премногу екстензивна и непропорционална регулатива.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.