Испукани ѕидови полни со влага и лоша миризба, нечисти тоалети со искршени прозорци и речиси минимална здравствена заштита дури и во време на пандемија, се само дел од забелешките за состојбата на македонските затвори во извештајот на Хелсиншкиот комитет за 2020 година.

Креаторка на извештајот, Ина Џугуманова, за „Канла 5“ вели дека на терен е забележан напредок во затворскиот систем, но сепак, се уште има бројни предизвици за кои се потребни системски решенија, а на кои се пожалиле и најголем дел од затворениците.

Најчесто во поглед на пристапот за здравствена заштита на осудените лица, ресоцијализацијата, образованието, но и материјалните услови. Добивме многу претставки и за тортура и за нечовечко постапување. Потребни се заложби од сите страни и потребен е буџет со кој ќе се решат овие системски проблеми – вели Џугуманова.

Генералната слика од затворите во земјава е алармантна, но сепак најлош е престојот во казнено-поправниот дом Идризово. Ќелиите се пренатрупани со затвореници кои што спијат на три-катни кревети. Хигиената е на незавидно ниво, а осудениците се тушираат под импровизирани тушеви од кофи, кои што самите си ги направиле.

Од менито на активности кое што се нуди во затворскиот двор ја имаат само прошетката.

Во некои казнено-поправни установи кои што веќе ги споменав, нотиравме лоши хигиенски услови и субстандардни услови за живеење коишто на некој начин претставуваат живеење во нехумани услови и самите по себе се нехуман третман за осудените лица – вели Џугуманова.

Затворениците во изминатава година покрај условите во кои живеат, се пожалиле и дека им недостастувале посети од семејствата и блиските кои биле забранети за да се превенира ширење на корона вирусот.

Се пожалиле и дека нема стручни лица кои би им помогнале да се реинтегрираат во општеството, а голем дел кажале дека нема ефикасна служба за пријава на малтретирање и тортура.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.