Наставниците кои со физичко присуство предаваат во училиштата од прво до трето одделение имаат зголемен обем на работа, па затоа бараат во октомвриската плата да им биде пресметан дополнителниот број часови наметнати поради пандемијата. Претседателот на СОНК Јаким Неделков вели дека одделенијата, согласно со здравствените протоколи кои наложуваат најмногу 20 деца во училница, се поделени во две групи, така што еден наставник работи преку 10 часови.

Од едно одделение се создаваат две паралелки односно , бројат 20 ученици, потребно е да се поделат во две групи, фактички од една паралелка се создаваат две групи, каде што еден наставник не ретко работи со две групи. Тоа буквално значи удвојување на работата, на потрошеното време, и трошење на физичка и психичка енергија, затоа бараме од директорите за оваа дополнителна работа да ја израчунаат и да ја стават како вид на додаток на плата, вели Неделков.

Министерката за образование Мила Царовска вели дека нема многу наставници кои ги надминале бројот на часови.

Tоа е однос помеѓу локалната единица на синдикатот и директорот на училиштето. Јас ги потикнувам заеднички да седнат и да ги надминуваат овие прашања. Ве уверувам дека нема голем број на училишта каде што имаме надминување на бројот на часови, рече Царовска.

Според пресметките на СОНК еден наставник за дополнителните часови треба да добие плус 5000 денари на нето односно до 8000 денари на бруто-плата. Неделков апелираше на хронично болните наставници да им овоможат работа од дома затоа што при патување кон работа најчесто групирани во возила и автобуси, се изложуваат на ризик од зараза. Како проблем на наставниците го наведе и нестабилен интернет, недостиг од опрема и проблеми со греење на просториите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.