Договор не е постигнат ниту на денешната средба со преговарачкиот тим на Беса и премиерот Зоран Заев за предлозите на партијата на Билал Касами, која бара поинаков модалитет за државјанството и за заштита на дијаспората, дознава „Плусинфо“ од извори во партијата кои најавуваат уште една средба попладнево.

Конкретно, условите на Беса се да нема македонско државјанство кај Албанците, да нема заштита само за македонската дијаспора, туку заштита на дијаспората на Македонија. Оваа партија исполнувањето на барањата го условува со гласовите на нивните двајца пратеници за измените на Уставот. Токму тоа го разниша двотретинското мнозинство кое беше постигнато во октомври кога се гласаше за потребата од уставните измени, а која тогаш Беса безусловно ја поддржа.

Во партијата велат дека имаат разбирање дека зборот „македонско“ во државјанството е од исклучително значење за Македонците, но бараат тоа да биде одвоено и да не се однесува на граѓаните што се Албанци или на личните документи да пишува само „граѓани на Република Северна Македонија“.

На денешната средба освен премиерот Заев присуствувал и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а од страната на Беса во преговарачкиот тим биле двајцата потпретседатели на партијата пратеникот Фадил Зендели, Кастриот Реџепи и генералниот секретар Арјанит Хоџа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.