Одлуката за повторното отворање на аеродормите ќе биде дел од отворањето на граничните премини што ќе се носи откако Комисијата за заразни болести ќе направи соодветни протоколи за влез и излез во државата  за што денеска доби задолжение од Владата која усвои олабавување на повеќе рестриктивни мерки меѓу кои укинување на полицискиот час и повторно отворање на угостителските објекти.

Дадов задолжение до Комисијата за заразни болести да направат соодветни протоколи за влез и излез и на територијата и од територијата на земјата и тогаш ќе ја носиме заедничката одлука кога ќе се отворат граничните премини и кога ќе се отворат и аеродромите односно граничните премини коишто се наоѓаат на нашиот меѓународен аеродром или на аеродромот во Охрид, информира техничкиот премиер Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција по владината седница.

Во однос на превозот на патници, како што рече, веќе е донесена Уредба како и на кој начин да се врши јавниот превоз.

Важно е во возилата да имаме толку патници колку ќе се овозможи доволна дистанца помеѓу патниците, да имаат заштитна опрема и на таков начин да се спроведува јавниот превоз, потенцира Спасовски.

Како што информира, породилното боледување со Уредба е продолжено додека трае вонредната состојба, а ќе се анализира барањето тоа да се продолжи до септември.

Додека имаме вонредна состојба тие кои се на породилно боледување остануваат на породилно боледување. Секако дека добив и барање, односно допис којшто го доставија до Владата се однесува на барањето да се продолжи тоа и до месец септември. Ќе направиме анализи, не го исклучуваме и тој момент дека можеби треба да се прифати, дека е тоа оправдано итн., и на основа на тие аргументи коишто ќе ги утврдиме секако дека ќе донесеме решение кое што е најповолно за оние лица коишто се на породилно боледување. Така што, ако кажувавме дека ни е приоритет животот, здравјето итн., верувајте дека приоритет ни е и иднината, а децата се иднината на оваа држава, тогаш верувајте дека оваа мерка без некакви големи дискусии може да се донесе доколку имаме потреба од такво нешто, информира Спасовски.

Со мерките за олабавување што ги усвои денеска попладне Владата е предвидено од задутре да почнат со работа повторно угостителските објекти, но, како што појасни министерот за здравство Венко Филипче, повторното целосно функционирање вклучително и организирањето свадби ќе оди постепено и врз основца на следење на епидемиолошката состојба.

За се, потенцираше, има идеја и план и протокол, меѓутоа главната работа е што во сето ова одиме постепено и затоа  вака постепено се отвораат угостителските објекти, па понатаму хотелите и организацијата на угостителските објекти во рамки на хотелите и во рамките на сите други објекти таму каде што функционираат.

Во следниот период интензивно ќе ја следиме епидемиолошката ситуација, бројките итн., и сето тоа ќе резултира на крај со дефинитивно отворање и пуштање во функција на се што сега во овој момент не функционира. Оваа стратегија на постепено враќање во функција сметаме дека е  добра, тоа е нешто што го прават и сите други земји во светот за евентуално  да не се случи нешто што е непредвидено и да биде максимално епидемиолошката ситуација под целосна контрола, укажа Филипче, во одговор на новинарско прашање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.