За одлуката недела да биде неработен ден и како таа да се преточи во законско решение денеска разговараше Економско-социјалниот совет со кој претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Со цел да се слушнат сите мислења и ставови на присутните членови од Сојузот на синдикати на Македонија, Организација на работодавачи и владините претставници се отвори широка дискусија на која беа слушнати различни мислења во однос на ова прашање.

Од Министерството информираат дека од страна на присутните членови на ЕСС-одлуката недела да биде неработен ден била позитивно оценета.

Но, исто така се констатираше и дека исклучоци од оваа одлука треба да има и да се однесува на оние дејности кои се оценети како работа во специфичен работен процес, односно нивното функционирање не смее да застане. Тука беа посочени индустриите и производството кое мора да има континуитет и дејностите кои се од витално значење за граѓаните, како здравството, полицијата, противпожарната служба и други, се наведува во соопштението.

Со оглед на тоа дека се работи за комплексно прашање, велат од МТСП, изминатите денови беа направени бројни средби и консултации со сите засегнати чинители во процесот со цел изнаоѓање најприфатливо решение кое ќе биде резултат на заеднички договор.

Од страна на министерката Шахпаска беше посочено дека разговорите продолжуваат и следните денови, но се очекуваат и дополнителни анализи кои ќе придонесат во изработка на првична драфт-верзија, по која повторно ќе се направат консултации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.