Државата се надрасна себеси – во делот на струка, наука, компетенција, едукација, третман, епидемиолошки надзор, за што ни оддава признание и Светската здравствена организација. Ова на вчерашната прес-конференција гордо го соопшти првиот човек на Комисијата за заразни болести доктор Жарко Караџовски, пред да нареди неколку навреди кон македонските граѓани и да ги обвини починатите од коронавирусот дека доцна се пријавиле во болница.

Кон овие воспевања за справувањето со кризата му се приклучија и министерот за здравство Венко Филипче, вицепремиерот Бујар Османи и техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Вистината е поинаква. Податоците од „Worldmeter“ покажуваат дека Mакедонија има убедливо најлоши резултати во справувањето со коронавирусот.

По бројот на заразени лица на еден милион жители само Србија има поголем број на случаи. Ние имаме 967 а тие 1284.

Во однос на починати лица, Македонија повторно е на врвот. Само Романија има поголем број на починати на милион жители, додека останатите земји се движат околу 20.

Иако министерот за здравство Филипче тврдеше дека Македонија е на врвот по направени тестови, вистината е дека сме на долниот дел. Зад нас се само Бугарија и Албанија, а рекордер е Словенија со над 37.000 тестови.

Во Хрватска и денес нема регистрирано новозаболени, а само вчера во Србија биле направени 5.714 тестови!

Во Македонија во изминатото деноноќие починаа тројца пациенти, а 25 се новозболени. Со ова бројот на починати лица како последица на компликации од коронавирусот се искачи на 119, а вкупниот број на случаи е 2.039.

За споредба, Хрватска, земја со повеќе од два пати побројно население, има вкупно 2.244 случаи, од кои 2.041 се оздравени. Вкупниот број на направени тестови им е 64.266.

И со овие катастрофални бројки власта вчера реши да го укине полицискиот час со изговор дека бројот на заразени и починати се намалува. Згора на тоа од утре се отвараат и угостителските објекти па за неколку недели може да се очекуваат нови заразени и недај боже починати граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.