Засега се чувствувам добро. Имам само повисока температура и болки во мускулите и чувствувам изнемоштеност, ни изјави во телефонски разговор прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, кој синоќа го добил позитивниот тест на корона вирусот и е во домашна изолација.

Јованоски вели дека се посомневал дека може да ги има симптомите по покачената телесна температура.

Имав температура од 37,2. Се посомневав на симптоми иако немав загубен вкус и мирис. Тестот покажа дека сум позитивен, најверојатно вирусот сум го добил по контакт со позитивен зашто изминатите денови имавме некои состаноци. Сега температурата е 37,6, нема некои проблеми, примам терапија и сум во домашна атмосфера, вели Јованоски.

Јованоски кој е и специјалист-ортопед по професија и кој во време на пикот на пандемијата во октомври и ноември минатата година волонтираше во приемниот оддел на инфективното одделение, апелира на почитување на заштитните мерки. Особено да нема собирања на младите и по кафулињата.

Апелирам да се почитуваат сите заштитни мерки. Особено тоа да биде меѓу младите, да не се групираат, да не заседнуваат во кафулињата. Зголемениот број новозаразени во Прилеп е главно поради непочитувањето на мерките и новите бројки се последица, во голем дел, поради собирањата за празникот „Свети Трифун“. Факт е дека новиот, „британски сој“ побрзо се шири и уште поголема опомена е да нема групирања и да се почитуваат мерките, порачува прилепскиот градоначалник Илија Јованоски кој е во домашна изолација, од синоќа позитивен на коронавирусот.

Дека е позитивен на ковид 19 објави денеска и градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.