Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски во интервју за МИА рече дека иако не се уште распишани, Комисијата се подготвува за предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април. Во интервјуто за МИА Деркоски вели дека најавените измени на Изборниот законик кои се уште не се во собраниска процедура треба да бидат што поскоро донесени за да има време да се имплементираат правилно.

Работната група што ја предводи Министерството за правда, веќе подолг период работи на некои измени на Изборниот законик, со цел да се имплементираат одредени забелешки на мисијата на ОБСЕ и ОДИХР, меѓутоа и на некои други забелешки укажани од повеќе фактори коишто учествуваат во изборните процеси. Јас се надевам дека ќе се приближи кон некаков крај и дека навреме ќе имаме завршеток за да може и ние како ДИК да можеме навреме да се припремиме со новите изменети законски норми. Овие работи треба да се прават на време за да има доволно време да се имплементираат правилно, рече Деркоски.

Претседателот на ДИК ги повикува граѓаните да ја искористат можноста и уште денес преку веб-страната на Комисијата да проверат дали се или ги нема во Избирачкиот список и да не го чекаат јавниот увид. Одговорно тврди, како што вели, дека фантоми во избирачкиот список нема, туку дека во Избирачкиот список има државјани коишто имаат наполнето 18 години и имаат живеалиште во Република Северна Македонија.

Во државата има издадено нешто над два милиони и 400 илјади државјанства и тој е списокот, значи бројката од милион и 800 и некоја илјада е реална бројка на гласачи во нашиот Избирачки список, вели Деркоски.

Избирачкиот список е тема која што се наметна пред неколку изборни циклуси, во 2014 – 2016 година.

Избирачкиот список е материја која што е постојано менлива, се работи за флуктуација на голем број граѓани на државјани на државата коишто се на Избирачкиот список и постојано менлива е таа категорија. Имаме постојано промени на место на живеење, на живеалиште на граѓани, иселување, миграција, доселување, значи добивање на нови државјанства и таа состојба постојано се следи и се прати. Ние на квартално ниво добиваме податоци од МВР . Тој Избирачки список што го добиваме го преработуваме, го прочистуваме. Сега по распишувањето на изборите веднаш наредниот ден ќе го добиеме последниот Избирачки список, пристапуваме кон негова преработка, потоа следи јавниот увид во Избирачкиот список, меѓутоа не треба граѓаните да го чекаат увидот, и сега можат на веб страната на ДИК да се проверат дали се или не се и до колку има некаков проблем да го решат во нашите подрачни единици, или тука во ДИК или можат да ни пишат слободно на имејл, значи ни е да интервенираме, да ја поправиме таа состојба. Значи се работи и за право, меѓутоа и за обврска на граѓаните да интервенираат во самиот список. Ние ќе интервенираме онаму каде што реално има потреба и каде што побарале граѓаните од нас. Предложивме како една измена од оваа работна група која што претходно ја спомнавме за Изборниот законик, оние граѓани кои што на денот на гласање ќе имаат 18 години, а во меѓувреме немаат лична карта или на оние на кои им истекла личната карта или пасошот, важноста на пасошот, ние да можеме да ги запишеме во Избирачкиот список по службена должност. Се надевам дека ќе помине таа измена и ние да им овозможиме практично побрзо да си ја завршат работата, да интервенираме во списокот се со цел што помала група на граѓани биде оневозможена да гласа или односно што поголем број на граѓани да имаат право на глас. Се надевам дека тоа ќе помине како измена и ќе имаме можност и тука да им помогнеме на нашите граѓани. Одговорно тврдам во Избирачкиот список нема таканаречени фантоми – лица. Во Избирачкиот список има државјани на државата коишто имаат наполнето 18 години и имаат живеалиште во Република Македонија. Други нема затоа што и не може да има. Секој кој што стекнува државјанство веднаш се запишува во Избирачкиот список. Во државата има издадено нешто над 2 милиони и 400 илјади државјанства и тој е списокот, значи бројката од милион и 800 и некоја илјада е реална бројка на гласачи во нашиот Избирачки список, вели Деркоски.


Целото интервју ТУКА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.