Сопственикот на дивоизградениот објект кај Стариот чинар во Охрид, советникот Нефи Усени, со писмо до медиумите појаснува дека за летната тераса „Луна“ уредно на општината и на државата и ги исплаќа давачките односно надоместот за закуп.

Усени наведува дека врз него изминатиот период се врши постојан медиумски притисок, особено по градежните активности на локацијата, и оценува дека тоа се активности за дискредитација на неговото име, углед и политички поени.

Компанијата „Нефи ИК“ во чиј склоп е и ресторанот „Луна“, постои повеќе од десет години, со повеќе од 200 вработени, социјално одговорна фирма што уредно ги плаќа обврските и давачките кон Северна Македонија. Компанија која е и помага на многу загрозени семејства, но и компанија која го поттикнува спортот и екологијата. Затоа и ме чуди целата оваа хајка кон мене, започната од одредени медиуми, а продолжена од политичките партии, за локација за која што уредно имам поднесена и заверена документација во градот Охрид и за која што навремено ги подмирувам обврските кон градот, за закуп на летна тераса како закупец веќе 11 години – вели Усеини.
За реновирањето на летната тераса на ресторанот Луна, тој појасува дека било спроведено со изработен елаборат, со почитување на квадратурата за која што плаќал закупнина и за која тврди дека го нарушува зеленилото или естетскиот изглед на плоштадот Крушевска Република.

Сметам дека е крајно некоректно да се користи името на мојот ресторан како дел од проблемите на градот Охрид со УНЕСКО и ја поттикнувам иницијативата на премиерот Заев, дека законот мора да важи за сите. Затоа и апелирам до медиумите да ја задржиме презумцијата на невиност се додека градот Охрид не одговори по дадениов случај. Крајно е некоректно да се спроведува ваква хајка против компанија која што долги години работи за подобрување на условите за живот во Охрид, за унапредувањето на бизнисот и на туризмот во овој крај, а јас како советник секогаш сум се залагал и сум ги застапувал интересите за подобар живот на сите мои сограѓани – наведува Усеини во соопштението.

Тој искажува и подготвеност да одговори на прашања на медиумите во врска со случајот, истакнувајќи дека за утврдување на вистината на новинарите ќе им биде достапна валидна документација за закуп на просторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.