Урнисаното СЈО не застана зад специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која сѐ уште е на чело на оваа институција. Иако се очекуваше Јанева на оваа прес-конференција да ја активира оставката, и покрај тоа што нејзиното име е компромитирано, тоа не го стори, напротив рече дека покажала професионална свест и повика и други да го следат нејзинито пример. Прес-конференцијата Јанева ја започна со величање на своето име и дело и рече дека ѝ било чест и одговорност да ѝ служи на државата, па и по цена на јавниот линч и политичките препукувања на партиите кои се креле врз нејзиниот грб.

Од моментот на избор за специјален јавен обвинител, мојата професонална биографија, мојот приватен живот, семејството, се цел на различни озборувања, напади и обиди за мое инволвирање во дневно-политичките препукувања на партиите. При тоа, не сакам да оставам погрешен впечаток – не се жалам, напротив, се нафатив на функцијата во исклучително тешки околности, целосно свесна дека секојдневно ќе бидам цел на напади и моја лична дискредитација. Но, повикот да ѝ се служи на државата на чело на исклучително професионален обвинителски тим кој се занимава со висока корупција, каде се инволвирани највисоки државни функционери е сериозна чест и многу голема одговорност. 

Во десетминутното читање на напишаниот текст, со тивок и несигурен глас Јанева рече дека  не ја злоупотребила службената положба и овластување, се наслушала сѐ и сешто за себе, но се криела за да не рече јавноста дека влијаее на истрагата за „Рекет“.

Го разбирам, го почитувам и го оправдувам интересот на јавноста во истражните дејствија на случајот рекет. Носител сум на јавна и одговорноа функција за која мора да има целосна транспарентност. Затоа, дозволете да ви се извинам што свесно оставив подолг период да не излезам со свој став во јановоста. Иако воопшто не ми беше лесно да го следам јавниот линч, решив дека нема со ниту еден мој потег да создадам впечаток дека правам притисок или се мешам во истражните дејствија. 

Јанева се повика на својата чест и морал и најодговорно тврдеше дека никако не ја злоупотребила должноста што ја извршува сѐ уште во моментов.

Во врска со наводите, индициите или неофицијалните информации кои се упатуваат на мојата наводна вмешаност во случајот „Рекет“ ја користам оваа прилика да го изјавам следното: најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно ниту со сторување ниу со несторување не сум ја злоупотребила должноста што ја извршувам во моментов. Јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за конкретниот случај, рече Јанева.

Точно е дека многу лица од јавниот и политичкиот живот се познаваме со Бојан Јовановски. Не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека на дневна основа комуницира со лицето, но тоа не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување за евентуално да остварува привилегии и незаконити дејства, рече Јанева и додаде дека очекува транспарентна постапка за да се стави крај на сите неофицијални информации, со кои „некој се обидува да им нашетети на мојот углед и чест“.

Контрадикторно на она што го кажа претходно, Јанева, сепак, соопшти дека подолг временски период знаела дека освен Бојан Јовановски и многу други лица го злоупотребувале нејзиното име за изнуди.

За жал, подолг временски период до мене допираат гласови дека не само Бојан Јовановски туку и многу други лица без да знам го злоупотребувале моето име за различни цели, рече Јанева.

Јанева ја заврши прес-конференцијата осврнувајќи се на својата оставка и испраќакќи шифрирана порака до „некој се обидува да ја злоупотребува својата политичка моќ и бега од правдата“.

Ја депонирав мојава оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник. Со овој чекор сакам да бидам пример за сите останати. Не само да не дозволувам да бидам користена за нечие алиби за европските интеграции, туку покажувам висока професионална свест и со депонирањето на мојата оставка потврдувам дека нема на никаков начин да влијаам на конечниот исход на случајот „Рекет“.

Граѓаните и јавноста нека направат разлика што значи да бидеш свесен за одговорноста што ја носиш и како се постапува кога знаеш дека си чист и што значи кога некој се обидува да ја злоупотребува својата политичка моќ и бега од правдата. СЈО е е поголемо и позначајно од мојата сегашна функција, беше е и верувам дека ќе остане симбол на беспоштедна битка со највисоките форми на висока корупција и криминал. Оставам во наследство десетина затворени истраги, подготвени за брзо процесирање. Тие предмети ќе и дадат одговор на јавноста зошто некој со сите сили се убедуваше да го спречи мојот реизбор и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози и кредбилитетот на СЈО, заклучи Јанева во изјавата за медиумите дадена во СЈО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.