Дел од сопствениците на угостителските објекти на крајбрежјето во стариот дел на Охрид, на потегот од Ј’но до Канео поднесоа тужби до Управниот суд, бидејќи воочиле низа недоследности во целата постапка која од почетокот на јули, иако ненадлежна, ја започна општината, а се однесува на отстранување на платформите од езерото.

Сопствениците на објектите тврдат дека најпрвин во јули им биле доставени решенија за рушење на платформите, а дури потоа добиле записник за после 2 месеци односно вчера, да им стигнат решенија – овој пат од Државниот градежен инспекторат во рок од 5 дена да ги отстранат платформите.

Засегнатите кои не сакаат да зборуваат пред камера се одлучиле на тужби бидејќи Државниот инспекторат на слепо, без да направи увид на самото место им доставил решенија за рушење потпирајќи се на записниците на општинските испектори кои пак немаат никакви ингеренции да постапуваат, бидејќи езерото и крајбрежејето се под капа на државата. Тие посочуваат дека од општинскиот градежен инспекторат добиле и инструкции  да достават изјава заверена на нотар дека самоиницијатно ќе ги отстранат платформите.

Градоначалникот Георгиески вели дека дале налози за извршува и на поголеми објекти, не само за платформите. Прашавме за кои поголеми објекти станува збор и дали започнување на акцијата за рушење објект во Горна Влашка Маала не е замајување на јавноста кога во центарот на Охрид има дивоградби. Конкретен одговор не добивме, не упати на општиската веб страна каде ги имало сите потребни информации, што не е точно. Таму има податоци само за рушењето на дивоградата во Горна Влашка Маала и толку, јавува дописничката на Алфа од Охрид.


Извор Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.