Од домашен притвор излегуваат двајца осомничени во случајот на СЈО „Империја“, односно осомничените Тодор Мирчевски и Зорица Арсовска. За нив се изречени мерки на претпазливост.

Со оглед да СЈО до Основниот суд Скопје 1 – Скопје не поднесе предлог за продолжување на мерката куќен притвор за З.А. и Т.М., судот по службена должност, а поради истек на рокот на траење на куќниот притвор, донесе решенија со кои мерката се укинува, се вели во соопштението на Кривичниот суд.

Во соопштението на СЈО пак се вели дека за овие двајца осомничени поднеле барања за дополнителни мерки на претпазливост.

Воедно, информираме дека за осомниченото лице Тодор Мирчевски, покрај веќе изречената мерка на претпазливост – одземање на патна исправа, до Основен суд Скопје 1 Скопје – судија на претходна постапка, доставено е барање за определување на дополнителна мерка на претпазливост – јавување во суд еднаш неделно кај службено лице.

За осомничената Зорица Арсовска, покрај веќе изречената мерка на претпазливост – одземање на патна исправа, до Основен суд Скопје 1 Скопје – судија на претходна постапка, доставено е барање за определување на дополнителни мерки на претпазливост – јавување во суд еднаш неделно кај службено лице, забрана за посетување на деловните простории каде што осомничената работи, како и забрана за превземање на определени работни активности од дома, а кои се поврзани со правните лица – предмет на истрагата, велат од СЈО.

Во куќен притвор и понатаму остануваат осомничените Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.