На помалку од еден месец до почетокот на учебната година, се уште нема јасна слика за тоа како таа ќе изгледа. Родителите соочени со дилемата: онлајн или настава со физичко присуство. Протоколите се донесени, но лебди прашањето како до квалитетна настава по електронски пат?

Голем дел од основните училишта во државава немаат ниту обезбеден интернет, а нејасно е и како и за колкав број на ученици од прво до трето одделение ќе се одвива онлајн процесот.

Се бара решение кое ќе функционира за сите, вели градоначалникот Шилегов.

Во текот на утрешниот ден во организација на ЗЕЛС и Министерството за образование и наука ќе се одржуваат работни состаноци со сите градоначалници од земјава со цел да го најдеме оптималното решение. Имаме доволен период, имајќи предвид дека се одложи стартот на учебната година за 1-ви октомври. Очекувам дека ќе се изнајде оптимално решение на ниво на цела држава – вели Шилегов.

Според него, проблемот околу онлајн наставата постои и во средните училишта кои се под капата на Град Скопје, но се надева дека во соработка со МОН ќе се најде решение до 1-ви октомври.

Какви услови ќе понудат училиштата чека и министерот за здравство, кој најави дека засега неговиот син ќе учи он лајн.

Сите ние го посакуваме најдоброто за нашите деца. Заштитата на здравјето е приоритет. Моето дете е 9-то одделение, но јас ги почитувам сите препораки. Тогаш кога ќе има услови за физичко присуство, ќе оди во училиште – изјави Филипче.

Одлука веќе има донесено министерката за образование, чие дете трето одделенската настава ќе ја следи со физичко присуство.

На седум дена пред истекот на рокот, дел од најголемите скопски општини се уште немаат добиено посебно барање од основните училишта за настава со физичко присуство за учениците од 4-то до 9-то одделение.

Од 10-те училишта во општина Карпош само има услови за ваква настава – она во Горно Нерези, а ваква апликација нема добиено ниту општина Ѓорче Петров. Од Аеродром велат дека не ни очекуваат барање за настава со физичко присуство, со оглед на бројноста на учениците во тамошните школи.

Приватните училишта, пак, нема да чекаат до 1-ви октомври. Дел од нив веќе работат по позитивниот одговор од Комисијата за заразни болести во врска со изготвените протоколи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.