Учениците од Математичко-информатичката гимназија втор ден ја бојкотираат наставата. Реагираат на изборот на наставниот кадар и нивната стручност. Го бараат квалитетот кој им е гарантиран со закон. Сметаат дека со новоизбраните професори нема да го добијат квалитетот на настава кој им е потребен за подготовка на натпреварите по стручните предмети.

Ние сме овде за да научиме повеќе и да добиеме повеќе, а не да работиме сами. Сме имале многу професори што се потрудиле во овие години и сме имале резултати. Нашата програма е поспецијализирана. Со честите промени на кадарот ние треба да се прилагодуваме на секој нов наставник. Нам ни требаат кадарните професори од ФИНКИ и од ПМФ – велат учениците.

На конкурсот кој траел само три дена и не бил доволно транспарентен примени се професори од приватни факултети, а професори од ФИНКИ се одбиени без образложение.

Овие професори биле и иницијатори за формирање на гимназијата која ќе понуди специјализирана настава за најталентираните. За нив материјалниот надомест не е предизвик.

Директорката не беше ниту денеска достапна за одговори на медиумите. Од МОН соопштија дека бил распишан јавен оглас и изборот е извршен соглано критериумите. Пропуштените часови кои ги реализираат стручните лице ќе бидат надоместени велат од министерството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.