Учениците во прво и во шесто одделение од септември треба да учат по нов концепт, најави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска. Според Царовска, во период од пет години треба да се смени целосно образованиот систем во Македонија.

Целта е да направиме нов, македонски модел на образование, рече Царовска.

Настава со осум или девет задолжителни предмети поделени во две групи. Едната македонски, албански, турски српски или босански јазик, математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик, а другата група оние кои ги покриваат уметничкото, физичкото, техничко-технолошкото образование, се дел од новините кои се предвидуваат со новиот концепт.

Новина е што постои можност за избор на албански јазик како изборен предмет наместо втор изборен странски јазик (француски, италијански, руски, германски).

Како што појасни универзитетската професорка Виолета Петровска- Бешка природните науки ќе опфатат содржини од билогија, физичка географија, хемија и физика, а општествените науки ќе имаат содржини кои припаѓаат на историја, општествена географија, граѓанско образование, религија, етика.

Секое училиште треба задолжително да понуди две листи изборни предмети едната за учење други јазици, од која ќе може како изборен да се избере албанскиот јазик, доколку во средината во која живее детето тој се користи повеќе или пак е доминантен, а другата изборна листа ќе биде составена од четири категории слободни изборни предмети.

Реформа во обрзованието е потребна веднаш и затоа денеска ја презентираме новата Нацрт концепција за која ќе има јавна и на крај донесеме успешен модел иноватеивен за учење, затоа што секоја учебна година, секој ден во кој нашите деца учат по неквалитетни учебници и по несоодветна програма нанесува огромни последици на младите генерации, рече Царовска.

Таа повтори дека иако има интеграција на одредени содржини, ниту еден наставник нема да го изгуби работното место и оти високообразовните установи и натаму ќе произведуваат кадар во сите научни дисциплини, затоа што, како што рече, сите се потребни за спроведување настава и по новиот модел.

Со интегрираните предмети се спојуваат темите, и во исто време, наставниците по биологија, хемија и физика ќе предаваат една тема. На пример, кога ќе се учи за екологија и животна средина. На биологија ќе се учи за влијание на човекот врз природата и одржлив развој, на хемија за загадување, а на физика за обновливи извори на енергија.

Се разбира дека ќе бидат потребни нови учебници. Нам и сега ни требаат нови учебници, а не пак со нов концепт на образование. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието. Во буџетот на државата има пари за нови учебници. Наставните материјали ќе ги изработуваат најискусните наставници и најискуснитепрофесори. Обемот на содржините во секој наставен предмет – што, и во која мера ќе се учи, ќе го утврди тимот за изработка на наставни програми, рече Царовска.

Таа потенцира дека новата концепција се заснова на однапред определени национални стандарди за компетенции кои треба да ги постигнат учениците по завршување на деветто одделение, како јазична писменост, користење на други јазици, во делот на математика, природни науки и технологија, дигитална писменост, личен и социјален развој, демократска култура и граѓанство, претприемништво, уметничко изразување култура и мултикултура.

Според Царовска, со новиот концепт се менува и пристапот кон наставата.

Вчера на седница на Владата било заклучено да се спроведе исцрпна јавна расправа со активно учество на Министерството за образование и наука и на Бирото за развој на образованието, и низ максимално инклузивен процес на сите засегнати страни да се дојде до најдобри решенија и висока согласност за најавениот концепт за основно образование, откако таа била презентирана пред членовите на Владата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.