По едномесечниот, продолжен зимски распуст, околу 255 илјади ученици денеска се враќаат во училишните клупи за второто полугодие од учебната 2021/2022 година. Поради влошената епидемилошката состојба и проценката дека земјата се наоѓа на врвот од  КОВИД-заразата, наставата не почна на 20 јануари и беше одложена за десетина дена по препорака на Главниот координативен кризен штаб и со одлука на Владата.

И покрај пролонгираниот почеток, учебната 2021/2022 ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022 и за таа цел Владата на седница веќе го утврди бројот на наставни денови во вонредни околности. Во сите училишта (основни и средни) се утврдени 172 наставни денови, освен за средношколците во завршна година за кои се утврдени 158 поради нивните обврски за државната матура и  полагањето на двата екстерни  испита закажани за 4 и 13 јуни.

Ставот на надлежните во здравство и образование е учебната година, како и во првото полугодие, да продолжи со физичко присуство, со примена на антиковид-протоколите, така што и натаму резервни остануваат другите две сценарија што беа подготвени летото – настава на далечина и комбинирана настава со ротации на ученици во иста паралелка.

ПрватÐ ° детска амбасада „Меѓаши“, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве бараа Владата да ја преиспита одлуката и наставата да продолжи онлајн затоа што се високи бројките на  новозаразени со КОВИД-19, чести се и реинфекциите што се должи на брзото ширење на сојот омикрон.

Според министерот за здравство Беким Сали, одлуката е донесена откако е проценето дека епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство.

Според нашите податоци, нема потреба од онлајн-учење во овој момент. Епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние и ги носиме одлуките, рече Сали во петокот кога најави скрининг по случаен избор меѓу учениците како превентивна мерка.

Вчера тој соопшти дека Комисијата за заразни болести денеска на состанок ќе одлучува како и кога ќе се реализира скринингот во училиштата, а ќе го спроведат центрите за јавно здравје кои ја водат евиденцијата на сите позитивни случаи.

И ресорниот министер Јетон Шаќири укажа дека состојбата постојано ќе се следи и МОН ќе биде во постојана комуникација со Комисијата за заразни болести и со Кризниот штаб.

Тој во средата изјави дека одлуката ќе била лесна ако била истата варијанта од вирусот како што беше во септември и октомври, затоа што во првото полугодие заразата во училиштата беше стабилна и, според малиот број на новозаразени и активни случаи, училиштата не биле средини каде што таа се шири.

Сега има нова варијанта, но и тоа не значи дека почетокот на второто полугодие со физичко присуство ќе го зголеми бројот на заразени. МОН ќе биде во постојана комуникација и секој ден ќе има средби со директорите на основните и на средните училишта, изјави Шаќири, посочувајќи притоа и дека градинките се постојано отворени, а функционираат и други сектори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.