Учениците од септември ќе се вратат во училишните клупи, а работна група составена од претставници на Министерството за образование и наука (МОН) и епидемиолози, претставници на Комисијата за заразни болести работат на протоколите кои треба да бидат готови за две недели, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Скоро се готови протоколите за работа на училиштата од септември. Има уште некои технички детали кои ги работат во работната група во која членуваат претставници на МОН и наши  епидемилози, претставници од Комисијата за заразни болести. Се планира децата да бидат присутни 100 проценти во училиштата. Протоколите опфаќаат мерки за дезинфекција, мерки на внимателност при влез и излез, нема да има мешање на различни класови. За неполни две недели целосно ќе бидат готови протоколите, а веднаш кога ќе започне имунизацијата со големата бројка вакцини кои доаѓаат викендов, продолжуваме со вакцинација на наставничките и наставниците. Од вкупно 30 илјади наставници, околу 10 илјади веќе се вакцинирани, тоа се оние наставнички кои работеа со физичко присуство, изјави денеска Филипче.

Во учебната 2020/2021 година поради пандемијата со ковид-19 само учениците од прво до трето одделние посетуваа настава со физичко присуство, а останатите онлајн.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 281.847 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.263 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 5.407 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 488.010 дози вакцини, а ревакцинирани се 206.163 граѓани.

Податоците што ги објави вчера Министерството за здравство за претходните 24 часа покажуваат дека продолжува трендот со мал број заразени со коронавирусот. Од направени 2.952 тестирања се регистрирани 13 нови случаи на Ковид-19, нема починати лица, а регистрирани се 31 оздравен пациент.

Во државава сега се активни 225 случаи со Ковид-19, а од почетокот на епидемијата со вирусот се заразиле 155.640 лица.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.