Учениците од прво до третто одделение ќе учат Општество, а од четврто до деветто одделение предметот ќе се вика Историја и општество, кажа професорката Виолета Петроска-Бешка од Институтот за психологија на денешната расправа на седницата на собраниската Комисија за образование, наука и спорт на која присустуваат наставници, професори, претставници на МАНУ, ЗЕЛС, претставници на амбасади, на меѓународни организации.

Нацрт-концепцијата за основно образование ја презентираа претставници на работната група, а свое обраќање имаа министерката Мила Царовска и премиерот Зоран Заев.

Според Петроска-Бешка во фокусот ќе биде воспитната компонента и самиот процес на учење.

Со новата концепција целта е да се зголеми чувството на еднаквост меѓу учениците, да се намалат предрасудите, да се подобри меѓуетничката интеграција во образованието и социјалната кохезија, рече професорката Петроска-Бешка.

Според неа, современата педагогија вели дека ако учениците не можат да ја согледаат смислата на она што го учат, не може да се очекува успех во учењето. Тие одбиваат да учат во таков случај. Бешка очекува тимска работа на наставиците во предметната настава.

На крај, ученикот ќе добие додаток на свидетелство, во кој ќе стои опис на преференциите, т.е. ако некој ученик се истакнува повеќе по предметот историја, тоа да биде истакнато во додатокот на свидетелство. Или ако е подобар по физика, да биде тоа истакнато во документот, кажа Бешка.

Новина е што се очекува предметните наставници по ликовно и по музичко образование да се вклучат во наставата и во петто одделение и да држат настава во тандем со одделенскиот наставник. Тие ќе имаат обврска да ја планираат наставата, а притоа следењето и оценувањето си ги води одделенскиот наставник. Предметниот ќе има обврска да открива талентирани ученици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.