Новата Концепција за основно образование, која Министерството за образование и наука периодов ја презентира пред родителите на основците од училиштата ширум земјава, предизвика доста реакции поради предвиденото спојување на предметите Историја и Географија во еден, таканаречен, Општествени науки.

Но, незабележан помина и предлогот дека меѓу спортско рекреативните предмети е вклучено вежбање на пилатес и јога.

Како што пишува МКД.мк, нејасно е како и каде децата ќе можат да ги вежбаат овие модерни типови на тренинзи кога над 100 основни училишта во земјава немаат сала за физичко и пред пандемијата или воопшто немаа часови или физичко имаа во училница.

Според податоците на Министерството за образование и наука, во нашата земја има 364 основни училишта, од кои, според податоците со кои располага Министерството, 130 немаат простории, односно спортска сала за реализација на наставата по предметот спорт и спортски активности.

Од нив, 11 се во општини во Скопје, а дел од нив се Основното училиште „Гоце Делчев” во Долно Лисиче во општина Аеродром, ОУ „Дрита” во село Рашче во Сарај, ОУ „Јоаким Крчовски” во село Волково во општина Ѓорче Петров, ОУ „Кирил и Методиј” во с. Стајковци во општина Гази Баба, ОУ „Јашар Беј” во општина Чаир…

Дел од родителите на основците велат дека за ваков тип на програма што МОН ја промовира, голем дел од училиштата немаат ниту средства, ниту реквизити, а ниту основни услови за часовите по физичко.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.