Воведувањето во учењето математика на првачињата преку приказни, сказни, бајки и игри кои извираат од секојдневието на децата претставува најприроден и најубав, а воедно и најефективен начин за постигнување на дефинираните стандарди за оценување во новата наставна програма по математика, вели д-р Слаѓана Јакимовиќ, која заедно со м-р Ирена Богдановска ги подготвија новите материјали за учење по математика за прво одделение.

Јакимовиќ вели дека одлика на новиот учебник се богатите илустрации и разиграните визуелни приказни на секоја од задачите кои во себе носат истовремено и широк опсег на когнитивни барања на математичките задачи.

Наставниците и наставничките со нив ќе ги воведат најмладите математичари преку работи со конкретни материјали, преку игри, драматизации на ситуациите и нам ни беше особено важно да го овозможиме овој широк опсег, широк спектар на содржини и когнитивни нивоа на задачите за да можат наставниците да ги користат во прилагодување на истите и да ја развиваат својата визија за наставата по математика – објаснува Јакимовиќ.

Според авторката, при изработката на учебникот по математика особено важно да се вметнат содржини со кои кај учениците ќе се поттикнува и се продлабочува интересот и љубовта кон изучувањето математика и градењето позитивна слика за себе, за тоа што значи да се биде математичар и да се чувствуваат удобно во улогата на математичари истражувачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.