Министерот за правда, Никола Тупанчевски, во интервју за емисијата „Трилинг“, вели дека нема да поднесе оставка во врска со неговото патување во Палермо на фудбалскиот натпревар на нашата репрезентација со Италија во рамки на баражот за Светското првенство во Катар.

„Не чувствувам потреба дека треба да поднесам оставка бидејќи не е прекршен етичкиот кодекс поради тоа што сум патувал и сум го следел фудбалскиот натпревар Македонија – Италија. Точно е дека летав со авионот на Фудбалската федерација, но авионскиот билет и влезницата за мечот во Палермо сам си го платив“, вели Тупанчевски во интервјуто за „Трилинг“.

Откако министерот, вишата обвинителка Фатиме Фетаи и судијата и претседател на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, беа видени на фудбалскиот натпревар, во јавноста се покрена лавина реакции за тоа како тие отпатувале во Италија и на чиј трошок.

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) преку медиумите ги повика да кажат на чиј трошок патувале, а Тупанчевски и Фетаи во првите реакции одговорија дека патувале на своја сметка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.