Министерот за правда Никола Тупанчески беше дел од денешниот промотивен настан „Отпочнување на процесот на инсталирање ИКТ опрема во пет основни судови, како дел од Оперативниот план за дигитализација на правосудството“, на кој заедно со шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која, дале свои видувања за овој чекор што го прави македонското судство.

Онлајн судењата се нова реалност во најразвиените судски системи, каде во постапките во кои странката, без разлика дали е сведок, вештак или обвинет, не може физички да биде присутна во судницата, сепак може да се одржи судење. Ова е многу поволно во однос на навременоста и ефикасноста на судовите. Од денес онлајн судењата стануваат реалност и за македонскиот судски систем, нагласил министерот Тупанчески.

Тупанчески, се наведува во соопштението од Министерството за правда, истакнал дека покрај судниците во Основниот суд Кавадарци, опремени се и останатите пилот основни судови, во Струмица, Штип и скопскиот Кривичен и Граѓански суд, и тоа постепено согласно динамиката на судовите, на начин да не се попречи нивната работа.

Тој ја нагласил дигитализацијата на судството како еден од важните чекори во реформата на системот, особено во зголемување на ефикасноста и транспарентноста.

Во вистинско време покажавме силна политичка волја, заложба за реформирање на правосудниот систем и желба за враќање на довербата на граѓаните кон државните институциите, отпочнувајќи со еден комплексен и долгорочен процес кој има огромен потенцијал за понатамошно олеснување и подобрување на пристапот до правдата за граѓаните низ цел регион, што од круцијално значење, особено на патот кон евроинтеграциите, рекол министерот Тупанчески.

Ја потенцирал и успешноста во реализирањето на активностите на ИКТ Советот, предвидени во оперативниот план, велејќи дека беспрекорно веќе функционираат дигиталните услуги за издавање уверенија и потврди од прекршочната и кривичната евиденција.

Најавил дека следната недела ќе се потпишат, меѓуинституционално, договори за овозможување електронска размена на податоци и документи и тоа помеѓу клучните државни институции меѓу кои: Министерство за внатрешни работи, Државната комисија за спречување корупција, Државната изборна комисија, Централен регистар и Управата за финансиска полиција.

Според шефот на Мисијата на ОБСЕ Која, главниот фокус на процесот на дигитализација во правосудството мора да останат гаранциите за правото на јавно и правично судење во разумен рок, како и почитувањето на пресумпцијата на невиност и заштитата на приватноста. Амбасадорот Која на настанот потврдил дека Мисијата, е долгогодишен и близок партнер на македонското правосудство, обезбедувајќи поддршка на повеќе нивоа.

Министерот за правда Тупанчески им се заблагодарил на меѓународните партнери, САД, ОБСЕ и Норвешката Владата, за поддршката во спроведувањето на овој сложен и обемен процес, како и на членовите на ИКТ Советот за напорите кои ги даваат за побрзо ефектуирање на целокупниот процес на дигитализација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.