Министерот за правда, Никола Тупанчески, се обрати на панел-дискусијата на тема „Владеење на правото за економски раст“.

Осврнувајќи се на развојот и соработката на Македонско-германското стопанско здружение, Тупанчески рече дека на бизнисот му се потребни стабилно и предвидливо деловно опкружување, ефикасни институции, независно и транспарентно судство.

Бизнисот секогаш бара правна сигурност, стабилност и континуитет, а еден од основните предуслови е да функционира владеењето на правото. Довербата во институциите е од клучно прашање и затоа треба да се преземат низа мерки, активности и промени, кои ќе придонесат да се зајакне довербата во државата, но и во судството. Еден од инструментите за зајакнување на довербата на граѓаните во судството и правната сигурност на компаниите е зголемување на транспарентноста во работењето на судовите, нагласи тој.

„Министерството за правда во последните измени на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет се раководеше, меѓу другото, и од овие постулати сè со цел да се обезбеди владеење на правото и воедно да ја зајакне правната сигурност на граѓаните и компаниите во судскиот систем. Подобрување на бизнис-климата ќе се овозможи и со процесот на дигитализација на судството. Со неа ќе се забрзаат постапките на сите нивоа, ќе се намали корупцијата, ќе се олесни доставувањето докази и документи, а ќе се подобри и комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции“, рече Тупанчески.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.