Ставена е во функција најголемата дигитална судница во државата во Идризово која е последниот од низата проекти кои ги реализираше Министерството за правда, информираат оттаму.

Објектот се простира на површина од 1089 м2 со капицитет за 120 лица. Ова е најголемата и најопремената судница во Македонија со судска сала од 290 м2. Изградена е по примерот на судниците во државите со големо искуство во сузбивањето на организираниот криминал. Таа е само еден сегмент од целокупниот комплекс за оваа намена кој меѓудругото содржи и простории за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоци со можност за изобличување на слика и тон, систем за видеоконференција, кабина за преведувачи, како и соодветен безбедносен и мониторинг систем. Комплексот располага со посебни влезови за осудени лица, за службени лица, како и за јавноста која ќе присуствува на овие судења и посебен дел за новинарите, велат од МП.

Вкупната вредност на изградбата на објектот изнесува 1,3 милиони евра од кои речиси 975 илјади евра се обезбедени преку ИПА акциската програма „Поддршка за секторот правда” на ЕУ а за набавка на безбедносната опрема беше обезбедена донација на Амбасада на САД во вредност од над 60 илјади евра. За ова намена, Владата од буџетот издвои околу 283 илјади евра финасиска помош и дополнителни 45 илјади евра преку Управата за извршување на санкции за набавка на мебел и опрема.

На официјалниот почеток на функционирањето на најголемата дигитална судница се обратија министерот за правда Никола Тупанчески, Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир и заменик шефот на Мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер.

Користењето на оваа судница ќе има сериозен импакт во насока на намалување на трошоците за судските процеси за обезбедување и транспорт, кои значително ќе се редуцираат.Ќе се обезбеди поголема заштита на безбедноста и сигурноста на граѓаните на главниот град и нема да се наруши непреченото, нормално функционирање на градот преку блокирање на сообраќајот.Првото судење во најголемата дигитална судница во Идризово ќе се одржи на 14 декември, рече во своето обраќање министерот за правда Никола Тупанчески.

Тупанчески посочи дека судницата нуди најсовремени услови за изведување на судски процеси. Функционалниот аудио-конференциски систем со кој располага судницата дава можности за судења без физичко присуство на учесниците во судските процеси и слично.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.