Човековите права отсекогаш се сметаат за фундаментално важни аспекти кои треба да ги почитува, промовира, заштитува и унапредува секоја одговорна државна власт, но и секој човек. Ваквата колосалност на темата, пак, честопати е испреплетена со најразлични политички идеологии, како и со најразлични лични поимања, што некогаш доведува до недоразбирања и конфликти.

Овој текст се однесува на предизвиците пред кои е исправена Македонија во врска со Законот за родова еднаквост поднесен до Собранието од страна на Владата. Предизвиците, пак, се резултат на сомнежите на огромното тивко морално мнозинство наши сограѓани, кои сметаат дека овој акт е во спротивност со националниот морал, како и со традициите на граѓаните независно од нивната етничка или религиска припадност. Имајќи го предвид споменатото, нашата цел е сосема благородна и таа се отелотворува во нашето настојување да влијаеме и низ конструктивен дијалог, што е одлика на достоинството, но и законски загарантирано право, да се овозможи да продолжат да опстануваат во ист обем и капацитет традиционалните форми на најважните општествени прашања, како што се образованието, бракот сфатен исклучиво како заедница помеѓу еден маж и една жена, како и целосната рамноправност на двата пола, односно на мажите и на жените.

Реагираме поради стравовите дека и во нашата земја, а по примерот на некои други држави, со примената на иста и слична методологија ќе им се обезбеди правен легитимитет, односно нахално ќе се воведе сексуалното на сметка на верското образование, што според нашите убедувања и начинот на живот, ќе донесе сигурни и сериозни импликации врз човековиот и општествениот бит, веќе докажано досега преку најразлични примери. Воедно, ние не мислиме да наметнуваме, да говориме за правилно и неправилно, за вистина и грешно, бидејќи за нас вистината е Христос и ние низ призмата на Христос ги набљудуваме човекот и светот, Него им Го сведочиме на светот преку личниот опит. Истовремено, стравуваме дека во духот на најцрните денови на комунистичкиот тоталитаризам, ќе се влијае во дестимулирање на религиозноста, а ќе се промовира т.н. идеја за „родовата флуидност“ која има намера да се скрие под различни зборовни конструкции, а сè повлијателниот агресивен феминизам упорно ќе продолжи да ја понижува клучната општествена улога на жената.
Она што со право длабоко нé загрижува е и нахалноста во пристапот кон овие теми на приврзаниците, како и недоволното вклучување на опонентите, кое требало да го запазува својот континуитет, за да се земе предвид уверувањето и на тие што поинаку размислуваат. Водењето на коректен и конструктивен дијалог е слика на секое зрело демократско општество. Во оваа смисла, оваа реалност дополнително ескалира кога се оди чекор понатаму преку свесно провоцирање и омаловажување на големото морално мнозинство кое трпеливо работи, се грижи за своето семејство, си ја почитува верата и кое си ја сака Татковината. Секоја неумерена реакција предизвикува агресија, а таа бо никој случај не му користи на овој општествен простор кој сите заедно го делиме.

Се поставува прашањето, како да се постапи на овој облик на загрозување на туѓата слобода? Да се премолчи како многу пати во минатото, или да се одговори достоинствено и разумно со надеж дека сепак, можеби како исклучок нема да се произведе поголем конфликт, туку, како за промена – дебата во која треба да се разбере и другата страна.

Нема полошо општествено уредување од она кое под маската на демократијата го крие вистинското лице на тоталитаризмот, односно анархизмот и нихилизмот. Современите концепции и стандарди за образование и родовата флуидност, но и традиционалните форми на претходнонаведените концепции од друга страна, пак, не само кај нас, туку насекаде во светот на еден највидлив начин ја претставуваат оваа сурова реалност.
Меѓутоа, каде нé води сето тоа?

Основата на човековите права се одразува во почитувањето на правото и слободата на другиот, односно во фактот дека слободите и правата на една група на граѓани (треба да) се ограничени со слободите и правата на друга група на граѓани (едно право не смее да го суспендира правото на другиот). Со актуелниот предлог закон, како и со неколку други закони во минатото, овој принцип не беше почитуван, односно не се почитуваа уверувањата и стремежите на граѓаните со изразена религиска свест и со конзервативен, односно традиционален општествен светоглед. Имајќи го во предвид споменатото, апелираме да се прекине оваа пракса на кршење на човековите права и слободи, односно да се применат методи на почитување на општествениот, политичкиот, економскиот и културниот развој на нашето општество.

Црквата не пишува државни закони, туку воспитува добри и лојални граѓани кои ги почитуваат добрите закони. Сите знаеме дека кој било Закон не се носи за да влијае од аспект на сила, за да присилува, туку тој е насочен кон подобрување на животот и на меѓусебните односи. Тоа значи дека правата на тие граѓани-верници ги вклучуваат и одговорностите кои произлегуваат од превземените дејствија. Секој од нас, без оглед на тоа дали е атеист или теист, дали е припадник на оваа или онаа верска заедница, дали е член на една или друга политичка партија, дали е функционер или не, има должност да се однесува како зрел граѓанин чијшто став, претходно добро преиспитан и очистен од страсти, е вреден да се чуе и земе предвид. Црквата не е институција – таа е народот собран околу својот Христос, што е всушност и етимолошкото значење на зборот εκκλησία – собрание на верни. Во тој контекст, членовите на Црквата, во секуларно организираната држава, рамноправно со сите нејзини жители го пренесуваат својот став кој треба да се почитува, бидејќи е став и на огромното тивко морално мнозинство! Црквата никој не може да ја спречи да говори со љубов, да биде смирено гласна во едно општество, сепак таа е повикана да се грижи за спасението на секој човек. Навистина, таа некогаш си дозволува да „го подели имотот и да го отпушти чедото во туѓата земја“, но и да го пречека со прегратка во неговото враќање оттаму.

На самиот крај, во духот на љубовта, би сакале да повикаме не само кон земање предвид на мислењето на огромното мнозинство во смисла на измените во Законот, туку и кон перманентен личен развој, кон самокритичност, кон градење на подобро општество за сите преку конструктивен и засилен дијалог помеѓу сите засегнати страни. Црквата пребродила и излегла како победник и од пострашни зла и знаеме дека ќе го надмине, заедно со народот и овој предизвик. Тоа е така, бидејќи нејзината проповед не е против човекот кој од различни причини и под различни околности се довел во ситуација да греши, туку против злото и гревот. Таа не ги осудува различностите, туку прегрнува и љуби.

Бигорски манастир Св. Јован Крстител



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.