Централниот и Извршниот одбор на СДСМ денеска ќе одржат седници на кои тема ќе бидат начинот и формата со кои понатаму ќе продолжат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, по новите околности на политичката сцена по вчерашната средба на лидерите на двете партии Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски.

Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со вршителот на работите во Амбасадата на САД во земјата, Ерик Мајер на Фејсбук објави дека ова е период кога треба да ги донесеме клучните одлуки за забрзување на евроинтеграцискиот процес, бидејќи ЕУ е нашиот единствен пат.

– Се согласивме дека храбрите одлуки носат успех, Македонија, по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ, за што нашата држава има силна и конкретна поддршка од САД. Тоа ќе го правиме рамо до рамо со нашите стратешки партнери САД, додаде Ковачевски во објавата.

Вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка Бојан Маричиќ вчера изјави дека премиерот Ковачевски на вчерашната лидерска имал јасна позиција и понуда до опозицијата – веднаш да се гласа за потребата за отворање на Уставот, потоа да се формира и Влада во која ќе учествува и ВМРО-ДПМНЕ, а потоа да се доврши процесот на уставните измени и да се заврши скрининг фазата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.