Празнична музика и улични музичари ќе ја збогатат новогодишната програма на отворено која годинава ја спроведува Фондацијата за култура и спорт Куманово, информираа денеска надлежните. Програмата се реализира на овој начин, по барање на кумановци по повод претстојните празници.

Во текот на денот, доколку граѓаните поминат на плоштадот, ќе имаат можност да слушнат некоја новогодишна песна, а, веќе во попладневните часови, кога ќе се вклучат и сијаличките, неретко граѓаните ќе имаа можност да сретнат и да проследат перформанс на уличен музичар, пејач или инструменталист и талентирани млади кумановци, кои можат да се подржат со аплауз, изјави в.д. директорот Марјан Арангеловски.

Фондацијата за култура и спорт Куманово информира дека на барање на граѓаните, а со поддршка на Советот при Општина Куманово, во текот на последната недела од годинава, секој работен ден, покрај бројните културни манифестации, ќе го заживее градскиот плоштад со пригодна музика, која, според Фондацијата, ќе предизвика радост и ќе ја разбуди во кумановци предновогодишната еуфорија.

Денеска се одржа и предновогодишен концерт на учениците од нижото музичко училиште „Панче Пешев“. Утре, со почеток во 19 часот, концерт ќе одржат и младите „Бисерчиња“. Одбележувањето ќе заврши на 29-ти декември со гостување на Театарот од Скопје.

Годинава, исто како и претходните нема да има новогодишни концерти на плоштадот, но надлежните од Фондацијата се оптимисти дека со културната програма ќе ги задоволат критериумите на кумановци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.