Адвокатските канцеларии Јанаки Митровски и Пешевски и Тимовски утре до сите пратенички групи и пратеници во Собранието ќе поднесат предлог-закон за амнестија на „казнената експедиција“.

„Овој предлог-закон го поднесуваме поради неправдата која им беше нанесена на оние кои беа осудени. Не може оние кои отворија врата во Собранието да се на слобода, а други да се во затвор. Со овој предлог-закон бараме комплетно ослободување на оние кои беа осудени на затвор до 10 години, а намалување на затворските казни за 50 отсто на оние кои добија казни од над 10 години. Ова е само предлог-закон , а отворени сме за соработка со сите пратеници. Дури и на некој ако не му се допаѓа содржината, бараме образложение зошто е тоа така”, вели Пешевски за МКД.мк.

„Со предлог-законот за амнестија од 2018 беше сторена голема неправда со сервирање на селективна правда преку амнестирање исклучиво на лица кои наводно сториле насилство, а всушност мотивирано од политичко-лукративни побуди. Ова ја доведе Република Македонија до состојба на неправда во која само оние кои имале можност да се испазарат не само што биле амнестирани туку и наградени додека т.н. обични смртници отслужуваат долгогодишна казсна затвор“, се вели во дел од предлог-законот за амнестија на адвокатите.

Законот за амнестија кој беше донесен за дел од обвинетите во првата постапка за 27 април и со кој 15 обвинети беа ослободени, беше главната причина судијата Илија Трпков им ги ублажи казните на обвинетите за организирањето на настаните од 27 април, 2017 година. Поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски беше осуден на затвор од 6 и пол години, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски добија затвор од 6 години и 3 месеци, а поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски доби затвор од 6 години.

Со 95 гласа „за”, без против и воздржани, Собранието на 18 декември, 2018 година го донесе по скратена постапка Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година.

Кривичниот суд, односно судијката Добрила Кацарска на 15 март 2019 година донесе пресуда за првиот предмет за настаните во Собранието од 27 април.

Од повеќето обвинети само Игор Дурловски доби ослободителна пресуда.

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, со првостепената пресуда беше осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски добија затворска казна од 15 години. Оливер Поповски е осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.

Апелацискиот суд Скопје потоа донесе одлука по жалбите на 16-темина обвинети за нападот во Собранието на 27 април 2017 и делумно ги потврди првостепените пресуди за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

На поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков Апелациониот суд му ја преиначи казната од 18 на 16 години затвор, а обвинетите Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо се осудуваат на казна затвор во траење од по 14 години. Понатаму, обвинетите Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски се осудуваат на казна затвор во траење од по 13 години.

Апелациониот суд ги осуди обвинетите Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ на казна затвор во траење од по 11 години, обвинетиот Оливер Радулов на 9 години, обвинетиот Александар Василевски – Нинџа на 7 години и обвинетиот Абдуљифета Алими на 6 години.

Апелацискиот суд ја потврди ослободителната пресуда за обвинетиот Игор Дурловски. За настаните во Собранието беа обвинети 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок.

Петнаесет од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април” во текот на постапката ја негираа својата вина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.