Tрет обид ќе има денеска собраниската Комисија за надворешна политика да ја одржи седницата, на која своите платформи треба да ги изложат шестмина од новоименуваните амбасадори во последниот бран на пополнување на испразнетите амбасадорски места.

Првично седницата на Комисијата беше најавена за петокот, па одложена за понеделникот, а вчера беше одложена за денеска.

Своите платформи за дипломатски активности ќе ги претстават амбасадорите Теута Агаи Демјаха во Мисијата на Обединетите нации во Женева, Шпреса Јусуфи во дипломатско-конзуларното претставништво во Приштина, Шабан Јашари во дипломатско-конзуларното претставништво во Доха, Светлана Гелева во Мисијата во Советот на Европа, Стразбург, Данчо Марковски во дипломатско-конзуларното претставништво во Тирана и Фатон Бејта во дипломатско-конзуларното претставништво во Копенхаген.

Владата кон средината на декември минатата година на затворена седница ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори во Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг.

За некои од амбасадорските кандидати имаше реакции во јавноста за нивната компетентност да ја претставуваат земјата, како за тоа во Пекинг, но и поради тоа што некои од кандидатите имаат двојно државјанство, а согласно членот 36 од Законот за надворешни работи функцијата „амбасадор“ може да ја извршува лице, кое е државјанин само на Македонија. Шефот на дипломатијата Никола Димитров кон крајот на минатата година рече дека од јуни 2017 година, до денес, 87,5 осто од дипломатите се кариерни, за разлика од периодот од 2006 до 2017 година кога тој процент изнесувал 33.

Комисијата за надворешна политика денеска треба да одржи уште една седница, која вчера исто така беше одложена, а се однесува на измени на еден член од постојниот Закон за надворешни работи, по скратена постапка, во второ читање, поднесен од Артан Груби и Јулиана Николова.

Предлагаат во членот 36 став 1, алинејата 1 да се смени и да гласи „да е државјанин на Република Македонија“, а по ставот 2 да се додаде нов став 3 и да гласи: „Лице кое има државјанство на друга држава не може да биде именуван за амбасадор во државата за која има државјанство“.

Македонија има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати. Од нив, во моментот непополнети се 23 амбасади и четири постојани мисии, додека сите генерални конзулати се пополнети.

САД, Русија, Кина, Холандија, Италија се дел од непополнетите важни дипломатски центри. Таму сега наместо амбасадори имаме вршители на должност, а во соседните земји амбасадори нема во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска. Во Грција сè уште не е испратен вршител на должноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.