Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и претседателот на Синдикатот на образование наука и култура (СОНК), Јаким Неделковски, со претставници од двете страни денеска одржаа средба на која продолжија разговорите околу исплатата на плати за вработените во предучилишните установи кои учествуваа во штрајкот, организиран од СОНК.

На средбата беа изнесени предлози за кои страните се договорија да бидат разгледани и до крајот на оваа недела се дојде до заедничко прифатливо решение во рамки на законите.

Министерката Тренчевска истакна дека има значително приближување на  ставовите по однос на барањето на СОНК.

„Имавме одлична конструктивна дискусија со претставниците на СОНК. Социјалниот дијалог продолжува. Се приближуваме кон ставовите и на двете страни, меѓутоа, потребно е време за да можеме предлозите коишто беа дадени од страна на СОНК и предлозите дадени од страна на Министерството за труд и социјална политика да ги усогласиме внатре во нашите институции и до крајот на неделата верувам дека до петок, ќе го имаме конечното решение“, рече Тренчевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.