Семејството на бебето од Куманово кое почина од туберколоза не живее во лоши услови. Тоа го утврдивме со посета на стручниот тим од Центарот за социјални работи од Куманово, каде што се виде дека семејството има и хигенски услови и е материјално обезбедено. Во моментов народниот правобранител и здравствениот сектор работат на овој случај, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Таа напомена дека случајот се следи и во моментов се работи со семејството за да можат децата повторно да се вратат на училиште, а таткото на работа. Како што рече министерката, нивните три деца се деца кои имаат родителска грижа.

Членовите на семејството не се корисници на ниедно право, освен правото на надоместок за трето дете. Народниот правобранител работи на случајот, сите наоди и мислења кои се добиени на терен од Центарот за социјални работи ќе му бидат достапни на народниот правоибранител, за да може да утврди дали има некаков проблем, а секако тука е и здравствениот сектор, кој треба да утврди дали на детето му била понудена соодветна здравствена грижа, рече денеска Тренчевска во одговор на новинарско прашање пред почетокот на панел дискусија „Жени кои спасуваат животи, а немаат лек за дискриминацијата – жени во белиот мантил“.

Таа информираше дека континуирано работат и со децата на улица и со нивните родители, за да разберат колку е важно децата да ги тргнат од улицата и да ги вклучат во процесот на образованието.

На родителите и на децата им се достапни и сите права од социјална правна заштита за да се поттикнат да се создадат подобри хигиенски услови и подобра егзистенција, додаде Тренчевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.