Последната мега афера со издавање пасоши на припадници на мафијата и лица опасни по безбедноста само ги потврди оценките дека партизацијата на МВР и другите безбедносни институции директно ја загрозува националната безбедност и ги кочи евроинтеграциските процеси, велат од Демократскиот сојуз.

Повеќе од 20 години селекцијата за прием во безбедносните служби ја прават партиите и се доминантни при конечната одлука за вработување, без да се почитуваат цврстите критериуми, базбедносните проверки, тестот на интегритет, здравствената состојба и други параметри клучни за конечната оценка, дали некој може да биде дел од највиталните институции во државата.

Натму, изостануваат контролни механизми во работата на овие сектори и служби, присутно е одлевање на класифицирани информации до криминалните групи, бизнисмени, а најмногу до политичките партии, велат од ДС.

Демократскиот сојуз предлага целосна кадровска обнова (ремонт) и анализа на можните злоупотреби, при што како приоритети ги нагласува:

Прво, да се извршат безбедносни проверки за сите вработени во МВР и другите безбедносни сектори, како и тест интегритет, здравствената способност, проверка на имотната состојба и досегашната работа и резултатите од работата.

Да се забрани членување во политичка партија на припадници на службите за безбедност.

Второ, да се направи ревизија на издадени државјанства, внесени единствени матични броеви, впишувањата во матичните книги на родените, издадени лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, дозволи за поседување и носење на оружје, како и издадени обични, дипломатски и службени патни исправи.

Трето, да се зајакне раководниот тим во МВР со врвни професионалци, да се разработат и имплементираат контролни механизми во работата на сите сектори и МВР да се ослобиди од кадрите кои не ги исполнуваат критериумите за работа во оваа институција.

Кадровско прочистување е неоходно и во другите служби за безбедност“ велат од Демократски сојуз.

Демократскиот сојуз инсистира сите овие барања, Владата на РСМ и министерот за внатрешни работи, како и другите носители на високи функции во безбедносно- разузнавачките служби, сериозно да ги разгледаат и да подготват планови за нивна реализација.

За состојбите во МВР и другите безбеносни служби да се направи темелна анализа и да се отвори расправа и во Собранието на Македонија, сметаат од ДС.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.