Демократскиот сојуз смета дека дилемите околу националната припадност на Гоце Делчев и други македонски револуционери, херои и борци за слободна Македонија претставуваат обид да се сосечат корените на македонскиот народ и значат ревидирање на историските факти и случувања. Според партијата на Павле Трајанов, Делчев е Македонец кој се борел и загинал за автономна и слободна Македонија.

Гоце Делчев е симбол за Македонец-револуционер кој е опеан во македонските песни и со него се поистоветуваат генерации наназат и тоа ќе го прават и идните генерации. Немаме ништо против да го слави Бугарија и нивните политички водства, но да се тврди дека тој е Бугарин кој се борел за автономна Македонија и македонска држава е хипокризија и театар на апсурдот, велат од ДС.

Од партијата на Трајанов додаваат дека во 19-от век и првата половина од 20-от век не можел некој во Бугарија да биде војник, учител или службеник ако не потпише изјава дека по националност е Бугарин, како што сега Македонците попишуваат изјава дека имаат бугарски корени за да добијат бугарси пасош.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.