Доколку имаше било каков криминал, зошто чекаа 3 години да го пријават, прашува адвокатот Панче Тошковски, во реакција на пресот на портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, кој обвини дека со два договори, за пет месеци, Тошковски примил 170.000 евра. Тошовски му објаснува дека директор на компанијата е нивен кадар, а тој продолжил да биде адвокат на истата компанија и по смена на власта.

Во лагата се најдобри, исто како и во криминалот, и во тој правец продолжуваат и денес со изјавата на Костадин Костадинов која е манипулативна и невистинита. И колку повеќе лажат, толку повеќе им е очајна состојбата. Но какви се фактите:

Како адвокат сум застапувал и застапувам членови на ВМРО-ДПМНЕ, неопределени, членови на СДСМ, државни институции и компании. И сите договори се склучени на законит, легален и транспарентен начин.

Околу хартиите со кои мафта Костадинов сигурно му недостигаат исплатите од 2018 и 2019 година направени додека Зоран Заев е премиер, а директор на компанијата е нивен кадар, бидејќи јас продолжив да бидам адвокат на истата компанија и по смена на власта. Ако првото било незаконско, значи таквата незаконитост ја продолжила и владата на Заев, или пак за офсајдов во кој залутаа не им се збори? Доколку имаше било каков криминал, зошто чекаа 3 години да го пријават?

Воедно мене ми е жал што Костадинов го местат вака ниско во СДСМ, но морам да му соопштам дека како правен консултант имам договор и со Зоран Заев додека тој беше градоначалник. Ако имало “криминални шеми” за кои обвинува Костадинов тогаш во нив бил и Зоран Заев?

Што се однесува до Костадинов за разлика од непријателското местење што му се случува во СДСМ би му дал еден пријателски совет, најди си добар адвокат, а на Заев би му порачал да ангажира неколку адвокатски канцеларии затоа што само еден добар адвокат не ќе да му е доволен.

п.с Костадине подобро извини се веднаш, затоа што во спротивно биди сигурен дека ќе следат соодветни правни постапки за твоите лаги и клевети!, пишува Тошковски.

На ова се надоврза и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, кој исто така, му порача на Костадинов да си најми адвокат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.