Адвокатот Панче Тошковски смета дека со злоупотребата на институциите во Македонија од страна на власта на СДСМ и големата повреда на постапките и кршење на законите, се отвора правен простор за своевидна амнестија на некои обвинети.

Тој потсетува дека републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески незаконски ги преземал предметите од СЈО со помош на фамозното писмо на Јанева од притвор, со што оставил простор оваа постапка во иднина да биде оспорена од обвинетите од СЈО.

Во утринската анализа на „Алфа“ кај новинарот Христо Ивановски, адвокатот Тошковски потсети дека Јанева незаконски издала наредби од притвор неколку дена откако преку адвокатите беше соопштено дека била во нестабилна психичка состојба.

Прашање кое е клучно за она што се случува во Македонија, а е поврзано со одбраната на Јанева – не знам дали се сеќавате во моментите кога требаше да се префлат предметите од СЈО во Обвинителството за гонење организиран криминал, одбраната на Јанева ден-два претходно кажа дека Јанева не е во добра физичка состојба, не се чувствуа најдобро, потребни се лекарски прегледи. Јас како колега на адвокатката на Јанева во целост немам зошто да не ѝ верувам на она што го кажа колешката. Се поставува прашањето како истата Катица која психички не била одбра во истиот тој момент потпишува некое писмо, известување, и врз основа на тоа писмо сите предмети од СЈО беа префрлени во Обвинителството за организиран криминал, спротивно на одредбите на Законот за кривична постапка?, прашува Тошковски.

Тој вината ја посочува кон републичкиот јавен обвинител кој незаконски ги прифатил предметите од Јанева.

Сето ова, префрлањето на предметите, се дозволи од страна на Љубомир Јовески, спротивно на законот. Во законот за Јавно обвинителство има член 60 кој вели „кога јавен обвинител се наоѓа на издржување мерка притвор, Републичкиот јавен обвинител по службена должност е должен да го оддалечи од вршење на функција“. Значи мораше Јовески да донесе решение ѝ да ја оддалечи Јанева од вршењето на функцијата. Ако такво решение донесеше немаше да имаме правна небулоза, незаконски постапувања во однос на сите предмети кои СЈО ги водеше и немаше да се доведе под знак прашалник дали е законито или незаконито префлањето на предметите, што е многу клучно прашање, посочи Тошковски.

Адвокатот Тошковски потсетува и на улогата на СДСМ во целиот случај, потенцирајќи дека после незаконското префрлање на предметите, за СДСМ повеќе не беше потребен законот за Јавно обвинителство, кој дотогаш медиумски беше „продаван од власта“ како услов за членство во ЕУ, односно дека морал да се донесе.

Откако се префрлија предметите, одлучија дека не мора да се донесе законот. Тука се гледа нечесноста на СДСМ и немањето волја да се создаде систем кој ќе овозможи органите да си ја работат својата работа, а не вака на диво да се префрлаат предмети. Запомнете, ќе дојде ден ако утре се констатира дека се повредени права на одбраната во сите овие постапки и ако навидум настане некаква амнестија на обвинетите од СЈО, тоа исклучиво ќе биде по вина на СДСМ. Исклучиво СДСМ ќе биде тој којшто ќе овозможи амнестија ако има вина кај било кој од нив, затоа што со злоупотребата на институциите и механизмите овозможи вакви постапувања во целост спротивни на Уставот, законите и Европските конвенции за човекови права. Ова е недозволиво и срамно и јавноста го гледа тоа, очигледно е, изјави адвокатот Тошковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.