Првата честитка од Грција до македонскиот премиер за изгласаните уставни измени пристигна од грчкиот премиер, додека пак успешно завршениот процес кај нас, синоќа беше главна тема во грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина. Алексис Ципрас вчера разговарал со неговиот македонски колега, Зоран Заев.

Премиерот му честиташе на господинот Заев за успешното завршување на процесот на ревизија на Уставот на ПЈРМ, врз основа на Договорот од Преспа, соопштија од кабинетот на Ципрас.

Преку нивните официјални Твитер профили се огласија, поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, министерот за дигитална политика, Никос Папас, министерот за внатрешни работи на Грција, Алексис Харицис како и портпаролката на СИРИЗА, Рања Свигу.

 

Зборував со Зоран и со Никола. Се потсетивме на тешкотиите, на заморот, на тензиите, на довербата и надежите што ги поминавме работејќи на договорот. Сонувавме заедничката иднина за двата народа. Северна Македонија , добредојде во нашиот живот. Историјата треба да биде училиште, а не затвор, напиша на Твитер, поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.

Позитивна разврска во ПЈРМ. Патот за Балкан на мирот и заеднички развој е отворен, напиша министерот за дигитална политика, Никос Папас.

Уставната ревизија на соседите е исклучително значаен напредок. Грчкиот Парламент наскоро ќе го затвори историското нерешено прашање, кое го отвора патот за мир и заеднички развој на Балканот и трајно ги победува национализмите и од двете страни на границата, напиша министерот за внатрешни работи на Грција, Алексис Харицис.

Пораз на национализмот и на иредентизмот. Порака на мир, соработка и помирување на Балканот. Двата народи ништо не ги разделува, само едена заедничка иднина ги обединува, напиша портпаролката на СИРИЗА, Рања Свигу.

Кусо откако заврши гласањето во македонското Собрание па до доцна синоќа, резултатите беа главната и прва тема во електронските изданија на грчките медиуми.

Грчката државна агенција АНА-МПА во текстот под наслов „И се случи Северна Македонија”, го пренесува резултатот од гласањето заедно со реакциите и честитките до македонскиот премиер.

МИА пренесува дел од насловите во грчките медиуми, кусо откако во македонското собрание со 81 глас беа изгласани уставните измени.

Електронски изданија на медиумите во Грција, само технички и без коментари и анализи ја пренесоа веста.

Информативниот портал „Капитал”: ПЈРМ: Собранието ја одобри промената на името во Република Северна Македонија

„Катимерини”: Собранието на ПЈРМ го ратификуваше договорот од Преспа

„Та неа”: Помина Договорот од Преспа – Заев собра 81 пратеник

„Ефимерида тон синдактон”: Поминаа уставните амандмани во ПЈРМ

Информативниот портал „Реал”: Победа на Заев: Ја помина уставната ревизија се отклучува Договорот од Преспа

„Скај”: Одобрена ревизијата во Скопје, топката од Преспа во Атина

„ЕРТ”: ПЈРМ: Ратификувана промената на Уставот-телефонски разговор Ципрас-Заев

Новинарите во нивните текстови објаснуваат дека пратениците гласаа за 4 амандмани, а грчките медиуми од средата кога беше закажана седницата за гласање на уставните измени, континуирано ги следеа случувањата кај нас.

По успешно завршената обврска од македонска страна согласно Договорот од Преспа, сега топката се префрла на грчки терен.

Останува енигма дали ќе има промени во грчката коалициска влада со оглед на тоа дека Панос Каменос е против Договорот од Преспа.

Иако беше неофицијално најавувана дека Каменос и Ципра ќе се сретнат вчера за да разговараат за иднината на нивната соработка, а и самиот премиер на Грција го спомена тоа во неговото интервју во средата, сепак средбата не се одржа и се одложи на неодредено време.

Лидерот на Независни Грци во разговор со новинарите рече дека средбата со Ципрас е одложена „додека не се тргне блокадата што постои во ПЈРМ”, а го одложи и неговото интервју за грчката телевизија Стар.

Вчера попладне, Каменос одржа состанок на пратеничката група на Независни Грци, која што помина без изјави за медиумите, а лидерот на партијата и коалиционен партнер во владата се огласи преку неговиот официјален Твитер профил.

Единствената наша разлика во коалициската влада е името на Македонија. Останатите работи се решаваат парламентарно. Прашање за доверба не постои, освен ако тоа се поврзе со Договорот од Преспа каде што ќе се донесат одлуки од органите на Незавсини Грци и ќе го известам премиерот, напиша Панос Каменос.

Договорот од Преспа се најде на агендата разговори на германската канцеларка Ангела Меркел за време на нејзината дводневна посета на Атина.

На средбите со Ципрас и Павлопулос отворено изрази поддршка за Договорот од Преспа.

Вчера, се сретна и со лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис кој по средбата изјави дека ги претставил позициите за договорот и причините поради кои неговата партија нема да го ратификува.

Не само затоа што е волјата на огромното мнозинство од Грците, туку затоа што е лош договор што наместо да ги решава старите проблеми во поширокиот регион на Балканот, може да предизвика нови. И за оваа наша позиција, не преговараме, рече Мицотакис по средбата со германската канцеларка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.