Аферата Паразити продолжува во М НАВ. Покрај Фахрудин Хамиди и Владо Крстевски, плата од 3.000 евра месечно зема и Миѓен Салмани, член на Управен Одбор и Извршен Директор за финансиски работи, за правни работи, развој и инвестиции во М НАВ, вели Ивица Томовски членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Нагласи дека Салмани за една година од М НАВ зема и до 36.000 евра, а за еден мандат ќе наплати 144.000 евра.

Кој е придонесот на Салмани, за оваа висока плата? Што направил Салмани за да ги одработи тие 3.000 евра месечна плата? Салмани, заедно со Фехрудин Хамиди и Владо Крстевски, го чинат државното М НАВ над 630.000 евра за плати за време од 4 години. Да, над 630.000 евра за 4 години ја чинат М НАВ овие тројца директори, а никој не знае кој е нивниот придонес. Дел од Паразити е и Фестим Халили, директор на ФИТР, тој месечно зема плата од 1.000 евра. А за еден мандат тоа се речиси 50.000 евра – вели Томовски.

Тој прашува кој е бенефитот за Македонија од работата на Халили?

Со плата иста како Халили е и Љубе Бошкоски, кој зема 50.000 евра за еден мандат, а резултатот од неговото работење како советник во владата никој не го знае. Аферата Паразити покажува десетици функционери именувани од владата како земаат десетици илјади евра на име плата, а притоа немаат никаков резултат, со што би ги оправдале така високите примања, додека народот гладува – истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

На ова реагираа од СДСМ. Оттаму велат дека ВМРО-ДПМНЕ е партија на паразити кои со години земале државни пари и се богателе на сметка на граѓаните кои тогаш тонеа во долгови и сиромаштија.

Еве кои се вистинските паразити од ВМРО-ДПМНЕ, прв и главен меѓу нив е кој ако не нивниот шеф Христијан Мицкоски.

Мицкоски како најнеуспешниот директор и претседател на Управниот одбор на некогашен АД ЕЛЕМ за само десет месеци, во периодот од септември 2016 до август 2017 година, од буџетот инкасирал над 1,9 милиони денари или над 31.000 евра.

Но тоа не е прв случај каде Мицкоски се богател од парите на граѓаните. Како советник на Никола Груевски и Емил Димитриев за енергетика во периодот од април 2015 до октомври 2016 година, секој месец добивал хонорар од 1.100 евра или за вкупниот ангажман Мицкоски добил околу 20.00 евра пари од граѓаните.

Тоа е потврдено и со официјални документи.

И сето ова се случуваше во периодот кога цената на струјата се зголеми за 100 отсто без при тоа да има каква било светска криза, во период кога не се изгради ниту еден сериозен енергетски капацитет.

Еве почитувани, кои се вистинските паразити. Дали од овие народни пари, Мицкоски си изгради хидроцентрала и основаше компании?

Во наредните денови јавноста ќе дознае и за други лица, блиски соработници на Мицкоски кои паразитски се богателе на сметка на граѓаните, велат од СДСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.