Откако дигиталната верзија на Толковниот речик на македонскиот јазик беше дочекана на етнички нож, Здружението Аваја информираше дека Владата ги информирала дека навредливите зборови за Ромите тие ќе бидат повлечени од дигиталното издание на речникот.

Реагираат филолозите на иницијативата на Владата и на МОН за отстранување одредници од Толковниот речник на македонскиот јазик.

Ви се обраќам како професионалец, научен работник кој сиот свој работен век, односно повеќе од две децении, го посветил на лексикографијата. Ќе бидам кус. Не знам колку сте упатени, но во лексикографските изданија, особено кога станува збор за толковен речник, се одбележуваат сите лексеми кои постојат во јазикот, без оглед на тоа дали се во активна или во пасивна употреба, дали се архаизми, историзми, во кој стилски пласт се употребуваат итн. Имено, одредниците „циганчи се“, „циганштија“ и „циганштилак“, на кои реагираа одредени здруженија, во речникот се проследени со скратениците „разг.“ и „пејор.“, односно разговорно и пејоратив, со што јасно се определува сегментот на нивната употреба. На овие одредници, како што може да се прочита во медиумите, како непожелни се додадени и други, за кои се бара да бидат исфрлени од речникот. Одредницата „курва“ е исто така проследена со скратениците „разг.“ и „пејор.“, одредницата „педер“ со „разг“ и „грубо“, одредницата „педераст“ со „грубо“ итн. – вели Емил Ниами, доктор на филолошки науки.

Ниами во својот фејсбук статус посочува дека фактот што определени зборови не се општоприфатливи во секојдневната комуникација, не значи дека не постојат и не значи дека не треба да бидат опишани во едно вакво лексикографско издание.

-Чинот на исфрлање е чин на цензура, која е категорија забранета со Уставот, згора на тоа што станува збор за сериозен научен и лексикографски труд. На ваквиот „лов на вештерки“, може да се очекува да почнеме од речниците да ги исфрламе зборовите „кур“ и „пичка“ проследени со скратеницата „вулг“, односно вулгарно, како и многу други лексеми, кои во секојдневниот говор може да им се чинат навредливи на одредена група говорители. Треба да се има на ум дека едно вакво лексикографско издание не претставува прирачник за (не)употреба на зборовите, ами дава опис на нивните значења кои се одбележани во определени контексти (најчесто во литературата, но и во публицистиката итн). Доколку продолжи ваквата практика, со право ќе сметам дека тоа е кршење на начелото за професионалност и на научната етика, што може да доведе и до анатемисување на научниците, па и нивно палење на клада. Земјата е тркалезна, гравитацијата постои, постојат и соодветните лексеми во јазикот. Воедно ги охрабрувам моите колеги кои се автори на овие одредници да не попуштаат и да се спротивстават на ваквиот чин на обесценување на нивниот труд – додава филологот.

Реакција на иницијативата на Владата и на МОН за отстранување одредници од Толковниот речник на македонскиот…

Posted by Емил Ниами on Thursday, 6 May 2021

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.