Премиерот Зоран Заев в понеделник ќе отпатува за Брисел каде треба да оствари средба со претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лајен, на која се очекува да се разговара и за последните изјави на Вархеји, за можното одвојување на процесите за Македонија и Албанија за пристапување кон ЕУ.

За нашата европерспектива, можното одолговлекување на процесот за пристапување, подготвеноста за преговори и што до членството во ЕУ, МИА разговараше со Драган Тилев, државен советник за европски прашања во Секретаријатот за европски прашања, кој уште од самиот почеток е активно вклучен во евроинтеграциите на земјава.

Тилев смета дека стратешка грешка би била доколку билатералното прашање со Бугарија го одложи или целосно го блокира пристапниот процес за наше членство во ЕУ. Вели дека не е доволно Унијата да каже дека билатералните прашања мора да ги разрешиме самите, билатерално, туку таа има своја улога и мора да ја покаже својата способност и со изнаоѓање на решенија и за вакви сложени и осетливи прашања.

Тилев за МИА рече дека минатата година беше многу успешна за нас, до пред самиот крај, бидејќи постигнавме историски исчекор во март со одлуката на Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори подржана од сите 27 земји членки, одлука, како што вели, на која чекавме цели 16 години од моментот кога во 2004 година аплициравме за полноправно членство во ЕУ.

Тој потсети дека во истата недела кога ја добивме одлуката станавме и полноправна членка на НАТО, со што исполнивме една од нашите две стратешки цели, членство во НАТО и во ЕУ.

Истиот месец, март, додава тој, беше усвоена и новата Методологија за зајакнати пристапни преговори, со што се отвори патот за забрзана интеграција или реунификација на ЕУ со земјите од Западниот Балкан на нова политичка платформа, по што следеше Загрепскиот самит на ЕУ и Западен Балкан, Берлинскиот самит во Софија, кој го копретседававме со Бугарија, лансирањето на Економско инвестицискиот план за Западен Балкан и позитивниот Извештај на Европската комисија за нашиот напредок во реформите.

Оценува дека и покрај пандемијата и силните политички, економски, здравствени и социјални последици од истата, процесот на проширување се движеше во позитивна насока.

-Но, како што реков, годината беше успешна до пред самиот крај, кога и покрај големите искрени напори на Германија како претседавач на Советот на ЕУ, Бугарија не се согласи со текстот на Преговарачката рамка и непринципиелно се обиде да наметне дополнителни услови за нашето членство во ЕУ. Познато е дека одлуките поврзани со процесот на проширување се донесуваат со едногласност и секогаш може да има земја членка која од свои причини, може да биде против или да не се согласи со предлогот, рече Тилев.

Оценува дека за надминување на оваа ситуација, која е од билатерален карактер, нема друг пат освен дијалог, проактивен пристап и разговори со лидерите на сите други земји членки, како и со највисоките функционери на ЕУ во Брисел, но и во Вашингтон, со јасна позиција и аргументи дека за идентитетските белези на македонскиот народ, не се преговара.

-Резултатите од изборите во Бугарија и неможноста да се формира политичка Влада, не ни оди во прилог, но ниту тоа не смее да биде пречка да не продолжиме да дејствуваме и да бараме решение со претседателот на Бугарија, со техничкиот премиер и со други влијателни политичари од пријателска Бугарија, дури и во периодот до следните избори. Го нагласувам зборот пријателска, бидејќи не смее да дозволиме со наши чекори да се оддалечуваме едни од други. Бугарија е наш сосед, наш сојузник во НАТО и наш економски партнер, а утре ќе треба да бидеме на иста маса и во Брисел, вели Тилев за МИА.

Порачува дека во меѓувреме е важно исто така да не застанат реформите и оти токму во таа насока е и Агенда Европа дома.

-Европските реформи не се цел сами за себе, туку со нив треба да се воспостават европски институции, да се имплементира европско законодавство, европски стандарди и европска пракса. Од една страна на тој начин сите заедно ќе имаме поквалитетен живот, а од друга страна ќе бидеме многу подобро подготвени кога набрзо ќе ги започнеме пристапните преговори и официјално, вели тој.

На прашањето дали на повидок е нова долгогодишна блокада и дали историјата би станала критериум за членство, а Унијата тврди дека гледа кон иднината, Тилев вели дека е „професионален оптимист“ и изрази убедување дека многу набрзо ќе ги започнеме пристапните преговори.

-Развивањето на добрососедските и партнерски односи со сите наши соседи и особено со Бугарија, е процес на кој ќе треба заедно да работиме времето пред нас, но стратешка грешка би била доколку тој процес го одложи или целосно го блокира пристапниот процес за наше членство во ЕУ. Билатералните недоразбирања, од било кој карактер, вклучително и историски теми и прашања, не смеат да станат дел од пристапните преговори. Тоа не значи дека треба да се стават на страна, напротив, било кое прашање без никакви предрасуди треба да се разговара и да се најдат начини за градење на меѓусебно разбирање и пред се доверба, подвлекува тој.

Појаснува дека теоретски, согласно Договорот за основање на ЕУ, секоја земја членка може да го блокира приемот во ЕУ на било која земја членка.

-Денеска сме ние во прашање, утре може да биде некоја друга земја од нашата околина. Сметам дека ваквиот исход не и оди во прилог на ЕУ ниту на било која земја членка пооделно, а сериозно го става под знак прашање не само кредибилитетот на ЕУ, туку и нејзината определба за целосно почитување на темелните вредности на кој Унијата е заснована, вели Тилев.

Тој истакнува дека ЕУ не смее да дозволи двојни аршини, ниту толерирање на дејствување од позиција на сила и практикување на моќ.

-Но, тоа не се прашања за нас, тоа се прашања на кои Унијата мора да најде начин како да им пријде и како да ги разреши, пред истите да го контаминираат процесот на проширување и пристапните преговори. Ни од далеку не е доволно Унијата да каже дека билатералните прашања мора да ги разрешиме самите, билатерално. Унијата има своја улога и мора да ја покаже својата способност и со изнаоѓање на решенија и за вакви сложени и осетливи прашања, изјави Тилев за МИА.

Давајќи ретроспектива за нашите евроинтеграции, Тилев потсетува дека оваа година е јубилејна бидејќи одбележуваме и 20 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, што, како што рече, според него тоа е еден од најважните документи во нашиот живот како самостојна држава, документ кој воспостави рамка за нашите севкупни односи со ЕУ и ќе остане во сила се до склучувањето на пристапниот договор пред нашето челснтво во ЕУ.

-За 20 години, направивме многу, иако се уште не сме ги започнале преговорите. Имено, сиве овие години веќе транспониравме меѓу 35-40 проценти од целокупното право на ЕУ во нашиот правен систем, речиси сме целосно усогласени во делот на внатрешен пазар, вклучително политиките за заштита на конкуренцијата, државна помош, интелектуална и индустриска сопственост, јавни набавки, прифативме над 25.000 европски норми и стандарди, оформивме десетици нови институции, вклучително и целокупната инфраструктура за контрола на квалитет, истакнува Тилев.

Наведува дека имплементацијата на ССА никогаш не била под знак прашање, а тоа доведе и до Договорот за визна либерализација, пристапивме кон Договорот за транспорт и Енергетската заедница, Пан-евро медитеранската конвенција за потекло на стоките, ЦЕФТА итн.

-Сето наведено, што е само дел од она што го постигнавме за 20 години, ми дава за право да изјавам дека сме целосно подготвени за почеток на пристапните преговори, а во текот на преговорите ќе се отвори и можност за една нова генерација на млади експерти да ги завршат преговорите и да се подготват за функционирање во институциите на ЕУ, рамноправно со сите други, наведува Тилев.

Тилев тврди дека членството во Европската Унија, за која всушност и аплициравме 2004 година, е најдобрата опција за нас, за алтернативи вели дека не треба да се размислува и да се губи енергија.

-Ние сме мала држава, мала администрација и економија со ограничени можности, секое разводнување на клучниот стратешки процес кој не води кон членство, во овој момент е непотребно губење на енергија, време и ресурси. Се разбира доколку после сите напори и отстапки, во догледно време, заклучиме дека простор за дополнителни компромиси нема, ќе се фокусираме на она што е остварливо и возможно, заклучува за МИА државниот советник за европски прашања во СЕП, Драган Тилев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.