Од почетокот на оваа година, тетовските пожарникари интервенирале над 500 пати, а во најголем број случаи гаснеле пожари во Општина Тетово и останатите пет општини од Тетовскиот регион.

Освен гаснење пожари, тие интервенирале при сообраќајни несреќи и вршеле дезинфекција на градот, пишува „СДК.мк“.

Над 80 отсто од 504 интервенции се однесувааат на гаснење пожари. Бројката подразбира дека секојдневно имаме по речиси две интервенции, при што секој ден се гасне по еден пожар –  вели командирот на противпожарната единица на Тетово Ука Алити.

Територијата на која интервенира тетовската противпожарна единица се простира од Јажинце до Попова Шапка и ги опфаќа сите општини од овој регион, односно опслужува над 200.000 население. За тетовските пожарникари ова претставува голем проблем.

Оддалеченоста ни е најголема потешкотија за навремено да се стигне и да се изгасне пожар. На пример, за да интервенираме во Враница или Јажинце, кои се оддалечени 30-ина километри од Тетово или до некое планинско село, на нашите возила им треба најмалку еден час, а тоа за гаснење пожар е многу време. Досега руралните општини не покажаа иницијатива да формираат свои единици или доброволни друштва, од кои само бараме првично да интервенираат за да се спречуваат поголеми пожари. Ние секако би биле тие кои би ги локализирале и ликвидирале огновите – потенцира Алити.

На пожарникарите не им е лесно да интервенираат ниту во градот кога треба да се пристапи до некој објект.

Често пати се соочуваме со несовесни возачи и возила кои се погрешно паркирани. Кај нас секундите се во прашање, а не минутите. Исто така, има несовесни возачи кои не им даваат предност на противпожарните возила кога одат на интервенција. Апелирам до нашите граѓани што е можно побрзо да ги пропуштаат нашите возила и да внимаваат каде и како ги паркираат возилата – вели Алити.

Во тетовската пожарна работат 70 пожарникари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.