Во тетово се одржа протест со блокирање на сообраќајот на булеварот „Видео Смилевски-Бато“ попознат како Индустриска улица, во знак на револт на тамошните станари и други граѓани поради честите сообраќајни несреќи во кои страдаат пешаци.

Последната несреќа се случи на 13 јануари кога на таа делница животот го загуби шестгодишно девојче.

Бараме да се преземаат итни мерки за да се спречат идни несреќи со поставување грпки, физичко делење на целиот пат и оставање простор за премин од едната и другата страна само преку постојните премини, подигнување на пешачки премини на повисоко ниво од асфалтот, со вертикална и хоризонтална сигнализација, како и со нивно осветлување во текот на ноќта, надвозник за одење до ОУ „Кирил и Методиј“ – истакна Енис Ајрулаи од иницијативниот одбор.

Станарите велат дека досега имало многубројни барања за подобрување на сообраќајната состојба кои не се реализирани.

Овој пат нема да отстапиме без да го решиме овој проблем. Овој опасен пат, најмалку двапати дневно го поминуваат над 250 ученици кои учат во ООУ „Кирил и Методиј“. Оваа улица секоја година брише нов живот. Некој завршува во затвор, а некој во гроб. Немаме повеќе луѓе да се изгубат поради небрежност. Ние не сме против никого, едноставно сме за безбедност и живот. На крај, апелираме возачите внимателно да возат и да има полициски патроли на ова место во најпрометните часови за казнување на неодговорни возачи – велиАјрулаи.

Луѓето кои живеат на булеварот потенцираат дека на дулицата се вози многу брзо.

Тука е дозволено 40 на час, се вози и до 80, 120 на час. Нема пешачки премини обележано. Фаќа полицијата по некогаш, ама секој ден е вака – вели Идриз Зилбери.

Поминуваат и многу камиони, треба да има обиколница, да се скрати овој пат. Овде треба да има 24 часа полиција. Не е автопат да возат 150. Има и трговски центар, многу гужва има. Секој ден ги гледаме, изјави Мендух Зилбери.

Се вози многу брзо, многу деца загинале тука. Одговорноста е кај сите и кај возачите, и кај пешаците и кај родителите и кај полицијата. Да се стави ограда и да не преминуваат, најбрзо решение да се спречи преминување – вели жител на Тетово.

Од иницијативниот одбор истакнаа дека им остваат две недели за конктретни стратегии за регулирање на состојбата, при што најавија дека ќе имаат и нов протест.

Според СВР Тетово, во текот на минатата 2020 година, на улицата „Видоја Смилевски-Бато“ во Тетово се регистрирани, односно се случиле вкупно 50 сообраќајни несреќи, од кои 30 со повредени лица и 20 само со причинета материјална штета.

Најмногу, осум несреќи евидентирани во февруари, a по 7 во јануари и мај, додека во јуни не е евидентирана ниту една несреќа.Од вкупно повредените 49 лица на оваа улица, 14 биле пешаци, а преостанатите возачи, сопатници и 1 велосипедист. Во овој период нема загинати лица – истакна портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Најчести причини за минатогодишните „сообраќајки“ на улицата „Видоја Смилевски-Бато” се: неприлагодена брзина според условите на патот, недавање предност на пешаци и неправилно преминување на улицата, односно непочитување на светлосната сигнализација, поточно на постоечките два семафори, поставени на крстосниците, од кои едниот пешачки семафор.

По завршување на протестот новинарите беа сведоци на уште сообраќајна незгода на само неколку стотини метри од протестот која помина со материјална штета

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.