Медиумските поддржувачи на Зоран Заев се обидуваат да ја убедат јавноста дека Преспанскиот договор ја гарантира македонската национална определба и македонскиот јазик. Меѓу најгласните е Борјан Јовановски, кој по усвојувањето на Преспанскиот договор во Грција напиша – „и денес… пак Македонец и зборам македонски јазик…“.

За својата поддршка на Владата на Заев и Преспанскиот договор, семејството на Борјан Јовановски беше наградено со вработување на неговата сестра Светлана Јовановска во македонската амбасада во Европската Унија, додека нејзината ќерка Тања Милевска беше именувана за дописник на државната „Медиумска Информативна Агенција“ МИА од Брисел.

Но груб демант на нивните очекувања дојде вчера токму на адресата на Милевска, кога нејзиниот повеќегодишен соработник, уредникот на новинската агенција Еурактив во Брисел, Бугаринот Георги Готев, ги прогласи Македонците во Егејска Македонија за Бугари, а Македонците за измислена нација.

Сите тие се Бугари. Северна Македонија не можела да има малцинства во странство во период кога не постоела, пишува Готев на Твитер, зборувајќи за Македонците во Егејска Македонија. На овој коментар Милевска одговара дека и Курдите немаат држава, а се етничка група.

 

 

Курдите постоеле. Северно Македонците постојат само од кога Југославија ги измисли, и одговара Готев.

 

Тања Милевска со години работеше со Георги Готев во Еурактив, и со нивна помош оваа агенција влијаеше на обликување на начинот на кој европски политичари гледаат на Македонија. Во 2011 година, непосредно пред парламентарните избори во Македонија кои беа распишани по откривањето на финансискиот криминал во А1 телевизија во која работеа Борјан Јовановски и Тања Милевска, токму Еурактив им дојде на помош. Готев тогаш објави телеграми на американски дипломати добиени преку Викиликс, со селектирани извадоци во обид да ја претстави Владата на Никола Груевски како автократска. Иако наводите во телеграмите потекнуваа од политички противници на Груевски или лица обвинети за криминал, репортажата на Еурактив веднаш беше пренесена од страна на А1 телевизија и промовирана како факт од страна на новинарското семејство на Борјан Јовановски.

Во текот на Шарената револуција, Еурактив редовно изнесуваше критики за Владата на Груевски и ги поддржуваше про-СДСМ позициите на кои се и Тања Милевска и Борјан Јовановски во Брисел. Но, денес дописничкото семејство има потешкотии да го убеди својот соработник Георги Готев дека со Преспанскиот договор светот ги признал Македонците како нација – напротив, јасно е дека поддршката што Готев преку Еурактив ја давал за менување на власта во Македонија била давана со цел да се негира постоењето на македонската нација.

Преписката на Твитер за бугарскиот карактер на Македонците во Егејска Македонија ја отпочна францускиот амбасадор во Бугарија Ерик Лебедел, кој ја објави репортажата на Би-Би-Си за грчката дискриминација на Македонците, и праша „нели таму има и Бугари, односно Помаци?“ На ова Готев одговара – сите тие се Бугари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.