Срамота што терористи кои биде дел од ИСИС кои војувале во Ирак и Сирија добија три пати помали казни од осудените за 27-ми април, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Срамен е фактот што повратниците од војните на Блискиот Исток, терористи кои се бореле на страната на ИСИС, кои егзекутирале луѓе на идеолошка основа, добија затворски казни од 6 години, три пати помали казни од оние кои им беа изречени на полициските службеници во политички монтираниот случај 27-ми април. Припадниците на ИСИС добија помали казни од патриотите и припадниците на македонските безбедносни сили кои животот го посветиле во одбрана на Република Македонија кои добија 211 години затвор и беа прогласени за терористи, се вели во соопштението на најголемата опозициска партија.

Оттаму додаваат дека политичките затвореници не се одлика на една демократска држава, аспирант за членство во ЕУ. Партијата нагласува дека Македонија е единствена држава во демократска Европа која има политички затвореници во своите затвори.

Како и пресудите така и притворите во политичката монтировка наречена 27-ми април се уште едно грубо прекршување на основните човекови права и правните начела. Притворите за осудените се неосновани и неважечки со оглед на фактот што во моментот се уште се на сила паричните гаранции кои ги дадоа обвинетите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Кривичниот суд во Скопје вчера ги осуди на 6 години затворска казна шестмината македонски државјани кои биле дел од паравоената формација на ИСИС, додека за еден од обвинетите изречена е казна затвор од 9 години за „терористичка организација“ како дополнително дело кое му се става на товар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.