Тендерот за дигитализација на матичните книги, во вредност од половина милион евра, го доби нова компанија формирана еден месец пред објавувањето на огласот за спроведување на тендерската постапка и само три месеци пред да го склучи договорот за јавна набавка како единствен понудувач, пишува во најновиот број на неделникот Фокус.

Управата за водење на матични книги, во рамки на Министерството за правда, на 21 јануари оваа 2021 година објави оглас за јавна набавка за дигитализација на матичните книги. Според податоците од Бирото за јавни набавки, Управата на чело со директорот Бујар Дардишта на 1 март годинава склучил договор со компанијата „Новатек Инв“ во вредност од 29,5 милиони денари или скоро 480 илјади евра, колку што изнесувала и проценетата вредност на набавката.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека „Новатек Инв“ е основана на 9 декември ланската 2020 година од страна на Лирим Фетаи, кој воедно е и управител на друштвото, чија главна дејност гласи „неспецијализирана трговија на големо“. Притоа, оваа новоформирана компанија била единствен учесник во тендерската постапка, која доставила понуда и потоа склучила договор во износ идентичен на проценетата вредност на набавката, која патем не била објавена во огласот.

Иако станува збор за нова компанија, која немала кога да оствари значителна економска и деловна активност и да собере компаниско искуство, сепак, Фетаи вели дека заедно со неговиот тим имаат повеќе од 15-годишно искуство во областа на ИТ-технологиите во државава. Фетаи посочува дека како резултат на ова искуство неговата компанија за два месеца успеала да склучи договори и да стане партнер на најголемите светски брендови, како „ДЕЛЛ“, „ИБМ“ и други.

Во целост ги исполнуваме сите барани критериуми, во спротивно не можете како економски оператор да ја поминете фазата на евалуација на понуди која ја прави Комисијата за јавни набавки. Сите потребни докази од технички аспект, софтверски, ИСО-стандарди и слично, кои беа предмет на услови, се доставени во електронска форма кај договорниот орган додека траеше постапката – вели за „Фокус“ Фетаи, кој претходно долги години работел во друштвото за трговија со хардвер „ИТД Диструбиција“.

Инаку, „Новатек Инв“ како тукушто формирана компанија успеала да се квалификува и на крајот да склучи договор за јавна набавка од причина што во тендерската документација не биле поставени строги критериуми во однос на фирмите како правни лица, од типот на остварени приходи во период од неколку години и листа на реализирани проекти од одреден вид. Наместо тоа, се барале специфични услови во однос на вработените, кои морале да поседуваат одредени сертификати.

Во однос на ваквата ситуација, од Управата за матични книги велат дека конкретната јавна набавка се спровела со отворена постапка во која, како што нагласуваат, имале право да учествуваат сите заинтересирани економски оператори без оглед кога се формирани. Воедно, од таму истакнуваат дека овозможиле и странски компании да учествуваат во постапката.

Постапката се спроведува во согласност со Законот за јавни набавки и во однос на критериумите за овој вид набавка потребни се техничката и професионалната способност на економскиот оператор, односно кадрите со кои располага за реализација на набавката. Самата постапка со себе носи два вида на гаранција кои се неизбежни, бидејки се законски предвидени. Едната е банкарска гаранција на понуда со која секој економски оператор гарантира за сериозноста на понудата, и второто е гаранција за квалитетно извршување на договорот велат за !Фокус“ од Управата.

Поточно, договорот што го потпишале УМК и „Новатек“ се однесува на скенирање на записи и внесување на податоци во систем во период од 6 месеци. Во договорот се наведува дека се работи за скенирање на 300.000 записи, како и за внесување на податоци за 550.000 записи. Освен што е предвидена цена од 3,9 денари за скенирање и 40 денари за внесување на податоци по запис, се предвидува и паушал во вкупна вредност од над 1,8 милиони денари.

Покрај тоа, се предвидува самиот процес на скенирање да се врши во просториите на Управата за матични книги, каде „Новатек Инв“ ќе ги користи двата скенери со кои располага Управата од типот „Copy Book I2S“. Единствено доколку дојде до дефект на скенерите, како што се наведува во техничката спецификација, тогаш економскиот оператор е должен да обезбеди скенери за непречено да се изврши набавката. Воедно, самата институција поседува и модул за „олеснето внесувње на записите во системот“.

Претходно, Управата склучила два договори за дигитализација на матичните книги, односно за скенирање на записи и внес на податоци со компанијата „Аукта“. Имено, првиот договор двете страни го склучиле крајот 2019 година во износ од 6,7 милиони денари или 109.000 евра, а вториот во март 2020 година на сума од околу 22 милиони денари или над 357.000 евра. На тој начин, оваа институција за оваа намена вкупно потрошила околу 945 илјади евра.

И „Аукта“ била релативно нова компанија пред да го склучи првиот договор со УМК, со оглед дека е формирана на почетокот на истата 2019 година. И во првата и во втората тендерска постапка, оваа компанија, исто така, била единствен понудувач. На ист ден кога минатиот месец Управата го склучила договорот со „Новатек Инв“ за дигитализација на матичните книги, склучила договор и со „Аукта“ за набавка на софтвер од 11,5 милиони денари или 187 илјади евра, при што повторно имало само еден понудувач.

Инсталирањето и употребата на ваков софтвер ќе овозможи подобрување на ефикасноста во работењето на Управата – велат од „Аукта“, додавајќи дека во изминативе години, особено на јавните набавки на кои се бараат софтверски решенија, се почесто има само понудувач поради, како што нагласуваат, има сериозен недостаток на ИТ кадар.

Во оваа тендерска постапка, Управата повторно не барала специфични услови за компаниите како правни лица. Наспроти тоа, пред извесен период, истата институција во тендерска постапка за софтвер со неколкукратно пониска вредност барала од фирмите позитивно финансиско работење во последните три години, како и минимум три договори од ваков вид, од кои еден во вредност од 1,5 милиони денари.

Целиот текст прочитајте го новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.