​Попладнево заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров телефонски разговараше со Дерек Шоле, советникот на Стејт департмент и посебен советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, со надлежност во однос на важни прашања од надворешната политика.

Соговорниците се надоврзаа на точките кои беа разговарани во април годинава, односно статусот на европското досие на  Македонија и актуелните можности за пробив на европскиот пат за време на португалското претседавање со Советот на ЕУ.

Вицепремиерот Димитров ја нагласи важноста на ова прашање во контекст на иднината на процесот на проширување на ЕУ со земјите од регионот што има силни геополитички импликации во однос на стабилноста и сигурноста на регионот и континентот.

Пристапувањето на Западниот Балкан кон Европската Унија претставува инвестиција во стабилноста бидејќи европската визија за регионот подразбира демократија, владеење на правото, заемна соработка врз основа на почитување и заеднички вредности и интереси, наспроти истакнување на важноста на границите, поделбите и разликите како антипод на оваа идеја. Македонија ја потврди таквата визија и покажа лидерство за обезбедување регионална безбедност, мир и соработка, а во насока на реализирање на заедничката стратешка цел – пристапување во евро-атлантската заедница што покрај членство во НАТО треба да биде заокружена и со полноправно членство во ЕУ – рече Димотров.

Од американска страна, била потврдена поддршката за неодложно отпочнување на пристапните преговори на  Македонија со ЕУ бидејќи неисполнувањето на ветувањето засновано на постигнатите резултати придонесува кон дестабилизација на состојбата во регионот. Во таа насока, советникот Шоле ја нагласи американската поддршка на португалското претседателство и напорите за отпочнување на пристапниот процес. Тој исто така се заблагодари на врвната организација на неодамнешната НАТО вежба „Одлучен удар 21“, на армискиот полигон Криволак во комплексни услови, со оглед на пандемијата и изрази задоволство за сојузништвото меѓу двете земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.