Своевремено како опозиционер обвинуваше за постоење на „тефтерче“ во правосудството, но од позиција на власт се чини дека Зоран Заев создаде свој црн тефтер, или подобро речено црна книга со тврди корици во која секојдневно се впишуваат имиња на обвинители и судии кои соработуваат директно со Заев и власта на СДСМ.

Списокот на очигледни поврзаности на Заев и СДСМ со судиите и обвинители е голем, а еве неколку од случаите кои се одвиваа буквално пред очите на јавноста.

Заедничко делување: Заев најавуваше, Катица реализираше

Не што има формирано специјално обвинителство… Тоа обвинителство ќе испорача наредби за истраги, обвинителни акти и дај боже и притвори. Тоа се нашите очекувања. Чекам реултати. Јас се борев заедно со вас за ова Специјално обвинителство. Е сега, резултатите ќе се испорачаат. И тоа ќе има влијание врз изборите.

Ова се зборови на Зоран Заев кажани на средба со граѓаните на Капиштец во февруари 2016 година, неколку месеци по формирањето на Специјалното јавно обвинителство. Дека кажаното од Заев било дел од голем план за заедничко делување, покажа иднината. СЈО отвораше истраги, подигнуваше обвиненија и бараше притвори и затворски казни само за функционери, членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ. Општиот впечаток беше дека секогаш кога на СДСМ ќе му требаше „помош“, СЈО излегуваше со нови истраги на прес-конференции кои беа претворани во медиумски спектакли.

Епилогот се десетици случаи и уште многу најавени истраги, сега нелегално преземени од обвинителството на Љубомир Јовески и Вилма Рускоска со „наредба“ на Катица Јанева, иако Специјалната јавна обвинителка која е потписник на сите случаи се наоѓа во притвор за незаконско, несовесно и нестручно работење и од таму, според закон, не смее да издава никакви наредби и одобренија како обвинител.

Преку ноќ се промени обвинението за „Поткуп“ и снимката на која Заев бара пари беше отфрлена како доказ

Зоран Заев бараше поткуп од 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Сачевалиев“ – ова тврдење опстана и по смената на обвинителите во случајот „Поткуп“, кој јавноста имаше можност да го проучи поради снимката од посебните истражни (ПИ) мерки кои рекетираниот бизнисмен Иво Сачевалиев ги обезбедил за истрагата.

Во случајот Заев беше обвинет дека барал поткуп од по 3 евра за м2 државно земјиште за да му ја намали цената на земјиштето на купувачот и тој да плати по 71 денар пазарна цена, наместо по 438 денари, одлука која била дискреционо право на Заев. Трите евра од поткупот за намалување на цената на државното земјиште требало да бидат распоредени по следниот начин: 1 евро за СДСМ, 1 евро за Црквата и 1 евро за Заев, а парите требало да ги однесе во менувачницата на Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев.

„Но, на последното рочиште при одржувањето на завршните зборови, обвинителството „од необјасниви причини“ го преквалификува обвинението против Зоран Заев од „примање поткуп“ во „барање пари како поткуп“, а снимката која кружеше на „Јутјуб“ под името „Едно евро за Вицето“ е отфрлена како доказ.

Со оваа промена наместо затвор од минимум пет години, како што беше според досегашното обвинение, највисоката казна што Заев можеше да ја добие ако беше прогласен за виновен, би била од една до пет години затвор. Но, дека нема да биде прогласен за виновен „знаеа и малите деца“, а најавуваа и повеќе портали кои го следат правосудството и приликите во Македонија. Тоа и се случи – судот го ослободи, а подоцна и Апелација ја потврди ослободителната пресуда за Зоран Заев.

Заев јавно призна дека попречувал истраги за да заштити индиции за криминал

Зоран Заев пред неколку месеци имаше скандалозно интервју во кое јавно, без никаков срам, соопшти дека со своите дејствија попречил истрага за корумпираност на двајца функционери од неговата администрација. Во таа прилика, неверојатно но вистинито, тој својот потег го објасни како „транспарентност и отвореност“.

По ова негово неверојатно и скандалозно признание Заев не беше повикан во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое го предводи Вилма Рускоска за да објасни што и зошто направил со цел попречување на истрагите „кои требало да завршат со затвор“, како што признава премиерот, кои биле блокирани лично од него.

Камчев пријавил кај Заев, Заев ги предупредил Боки Тредичи и Зоран Кичеец?

Откако бизнисменот Орце Камчев пријавил кај премиерот Зоран Заев дека подолг период е рекетиран и уценуван од Катица Јанева, Боки 13 и Зоран Милески Кичеец, Заев за тоа ги известил рекетарите – ова е содржината на текстовите кои се појавија во јавноста неодамна, со ексклузивни информации од содржина на исказ на бизнисменот Орце Камчев, оштетен во случајот „Рекет“ кој го потопи Специјалното јавно обвинителство.

„На прашање дали после средбата со премиерот Заев, имал контакт со Бојан Јовановски или со Катица Јанева, подносителот одговори не, но имав комуникација со Зоран Милевски, кој имаше добиено информации дека сум го пријавил случајот, мислам дека од премиерот“, пренесоа медиумите делови од записникот на Обвинителството за (гонење на) организиран криминал од исказот на Јордан Камчев.

Среде „Рекет“ Заев и адвокатката на Јанева се координираат за излегување на Катица од притвор

Пратеникот Антонио Милошоски ден по маратонската лидерска средба соопшти дека Зоран Заев на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ им соопштил дека „Катица Јанева излегува од притвор за десетина дена“. За оваа скандалозна изјава на премиерот најважно е прашањето како може Заев да знае кога и кој ќе излезе од притвор и дали „отворањето како пупка“ на судството е синоним за воспоставување целосна контрола врз судството од страна на Заев и владеачката гарнитура?

Ова Заев се обиде да го демантира, но многу неспретно. Тој јавно соопшти дека контактирал со адвокатот на Јанева, Ирена Фрчкоска (сопруга на Љубомир Фрчкоски) со која разговарале околу олеснителните околности за кои била заинтересирана Јанева за да излезе од притвор.

Со ова, наместо да го оттргне вниманието од сведоштвото на Милошоски за скандалозната изјава, Заев со овој веројатно несакан испад пред новинарите „го бетонираше“ впечатокот не само дека има контрола врз правосудниот систем, туку дека и сиот овој период тој и Јанева се во близок контакт и веројатно координација со цел контрола и минимизирање на штетата од случајот „Рекет“.

Ексминистер за правда јавно го обвини Заев дека ургирал кај него за разрешувањето на Јово Вангеловски

Поранешниот министер за правда и сегашен градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, пред еден месец на прес-конференција јавно соопшти дека премиерот Зоран Заев му вршел притисок со цел Беџети да влијае врз членови на Судскиот совет за да изгласаат разрешување на Јово Вангеловски од претседателската позиција во Врховниот суд.

Беџети не прифатил, за што добил и инспекција недолго потоа, но Вангеловски неодамна беше разрешен. И за ова јавно сведоштво за висока корумпираност од првиот човек на Владата Вилма Рускоска и Љубомир Јовески не го повикале Заев да даде исказ.

Совет за реформи на чело со човек кому во моментот му се суди за „Поткуп“

Позната е и „славната епизода“ во која Заев самиот се назначи за претседател на Советот за реформи во правосудството со што директно се вмеша во судската власт. Особено што во моментот кога се назначи за претседател на овој Совет, тој се уште беше активно обвинет во случајот „Поткуп“.

На иста маса со премиерот Зоран Заев за следење на реформирте седнаа и јавниот обвинител Љубомир Јовески, специјалната обвинителка Катица Јанева, министерот за правда и неговиот заменик, претседатели на судови, народниот правобранител и две професорки по право.

Во телото за реформи не беа застапени Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како едни од клучните институции во овој сектор. Од Владата тогаш објаснуваа дека целта е овој Совет да биде составен од практичари, а не од советници на премиерот.

Но, реформите никој не ги виде. Советот набргу го напуштија неколку од назначените експерти.

СДСМ МЕСТИ ИЗБОР НА НОВИ 60 СУДИИ ОД СВОЈОТ ЦРН ТЕФТЕР?

Во моментов актуелниот конкурс за избор на кандидати за судии и обвинители во Академијата за судии и јавни обвинители е под директна контрола на премиерот Зоран Заев и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозицијата, Заев и Рашковски имаат за цел да изберат 60 судии и јавни обвинители, кои претходно самите си ги одбрале во канцеларии, преку манипулација со резултатите од тестирањето.

Со доаѓањето на власт на Владата на СДСМ, електронското полагање на испити од Академијата за судии и обвинители е префрлено во просториите на Правниот факултет во Скопје, каде што во овој момент полагаат потенцијалните кандидати за судии и јавни обвинители. Истиот тој факултет е поранешното работно место на генералниот секретар на владата Драги Рашковски. Фирмата што го спроведува ова полагање е поврзана со двоецот од владата Заев – Рашковски. Според информациите на ВМРО-ДПМНЕ, двоецот Заев – Рашковски преку системитизирана методологија влијае врз електронските резултати на кандидатите, а во текот на вчерашниот ден неколку лица директно поврзани со Заев, Рашковски и СДСМ оствариле нетипично високи резултати. Толку високи резултати досега не се постигнати откако постои Академијата, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој го повика јавното обвинителство по допрен глас да изврши електронска форензика и да испита како се постигнати историски високи резултати на тестовите од лицата кои биле директно поврзани со Заев, Рашковски и СДСМ.

СДСМ има ген за ставањев рака и воспоставување целосна контрола врз правосудството

Повозрасните го паметат потегот на владата предводена од Бранко Црвенковски со кој во еден ден, поточно за 10 минути во Парламентот беа разрешени 617 судии и стотина обвинители.

Заканите кон судиите Заев гласно ги говореше и во предизборниот период во 2016 година, кога најави генерален реизбор на судии, односно разрешување на сите судии и бирање одново на „подобните“.

За критериумите веројатно не треба многу да се пишува. Доволно е да одговорат на три прашања: 1. Дали би го ослободиле Заев од Поткуп, и покрај очигледното барање пари? 2. Дали Добрила Кацарска е одличен судија иако во пресудата за 27 април како утврдени факти прифаќа делови од одбраната на обвинетиот Нинџа, кој трипати го менувал исказот во текот на процесот? 3. Дали Вилма Рускоска е најдобриот обвинител во Македонија бидејќи до последно се бореше да ја спаси Катица Јанева и ќе продолжи да се бори за истото?

Доколку одговорот на трите прашања е ДА, судијата без сомнеж ќе биде впишан високо во црната книга на Заев и би бил прогласен како подобен за „реформаторите“ од СДСМ кои на чело со Заев имаат намера да станат газди на правосудниот систем.

Кацарска, Јовески и Рускоска меѓу најподобните во црниот тефтер на Заев?

Владата на Зоран Заев и СДСМ во ноември 2017 година го предложија Љубомир Јовески како свој кандидат за нов Републички јавен обвинител.

Во последните неколку месеци ги имаме најиндикативните показатели дека и тој со своите не-постапувања наликува како да е во координација со власта и нејзините спреги во правосудството. Покрај онаа, главната индикација – дека Јовески стана шеф на обвинителството на предлог на самиот Зоран Заев.

Токму Јовески пред неколку месеци по предлогот СЈО да се припои кон Основното јавно обвинителство изјави дека ваквото решение е нерационално. Во тие моменти главната политичка цел на СДСМ беше СЈО да продолжи да функционира како и дотогаш. Јанева се уште беше на слобода, односно не беше опфатена од истрагата во случајот „Рекет“.

Но, по притворањето на Јанева се променија и интересите, па така кога стана извесно дека машата наречена СЈО повеќе нема никаков кредибилитет за да продолжи со работа, власта се насочи кон „пресоблекување во ново руво“ на оваа групација која го гони нивниот политички противник. Така, одеднаш идејата за припојување на СЈО кон ОЈО не беше нерационална, односно стана примарен фокус.

Јовески не само што не ја отстрани Јанева од позицијата Јавен обвинител поради тоа што е во притвор, нешто што законски мораше да го стори, туку и прифати писма во форма на наредби кои Јанева ги испратила од затворот во Шуто Оризари, со кои ги ополномоштува обвинителите од СЈО сите предмети да ги предадат на обвинителството на Јовески и Рускоска.

Во јавноста се појави и слика токму пред „примопредавањето“ на предметите од СЈО во ОЈО, на која се тврди дека на средба на една бензиска пумпа во Скопје, средба имале Јовески и Филип Медарски, адвокат на Зоран Заев.

За улогата на Вилма Рускоска сведочи целата јавност, како со своето непостапување во случајот „Рекет“ делува дека до последен здив (или барем до промената на власта) ќе се обидува да ја спасува Катица Јанева, зависно од насоките кои ќе ги добие, како што во кулоарите го опишуваат нејзиниот модус вивенди нејзините колеги и познаници. Токму Рускоска стана и официјалниот предлог на Заев за „нова Катица“ односно обвинител кој ќе раководи со предметите од СЈО. Индикативно е што и Заев самиот изјави дека „пред 5 години му пречела Рускоска“, при што се поставува прашањето што се промени од пред 5 години, до денес? И дали Заев би предложил за шеф на обвинителство човек кој „му пречел“, односно го сметал за несовесен и нечесен во својата работа? Или пак, Рускоска се покажала како обвинител кој е подготвен да ги извршува насоките и наредбите од оние кои сакаат да станат газди на македонскиот правосуден систем?

За Добрила Кацарска доволно е да се каже дека самата во емисија во телевизијата на Бојан 13 има изјавено дека било нелогично таа како „комуњарка“ да нареди апсење на Зоран Заев. Односно, во слободен превод, таа никогаш и по никоја цена не би го апсела Заев – а докажано е во повеќе наврати дека е особено расположена да осудува функционери, членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ.

Лиле Стефанова, Весна и Васко Димишкови никој со прст не ги пипка

Уште еден дел од протечениот исказ на рекетираниот бизнисмен Орце Камчев укажува на проширените метастази во правосудниот систем кои власта одбива да ги сузбие, веројатно поради остварување лична корист.

Судијката Весна Димишкова и нејзиниот брат Васко (Васе) Димишков, адвокат, заедно со обвинителката Лиле Стефанова, во наводниот протечен исказ се споменати како вмешани во случајот „Рекет“. Никој од нив досега не се појавил пред Рускоска, макар на објаснувачки разговор.

Јас бев притворен како што кажав на 8 ноември, петок, а во неделата мојата сопруга беше повикана од Зоки Милевски да се сретнат со Васе Димишков, адвокат од Скопје. Во вечерните часови, ден недела, мојата сопруга била однесена во таен стан во населбата Капиштец. Во станот биле мојата сопруга со Зоки, а Васе Димишков ги чекал во станот, појаснува бизнисменот Камчев во пријавата до обвинителството за организиран криминал.

Васе и побарал 2,4,6 милиони евра (на Ана Камчева) во зависност од опцијата, при што и кажал дека поголема група на луѓе треба да се подмири од сумата и дека во оваа група биле вклучени и обвинителката Лиле Стефанова и неговата сестра, судија Весна Димишкова која после ова би заминала во пензија.

Со „Рекет“ институциите целосно го изгубија кредибилитетот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во петочното гостување кај новинарот Васко Попетрески и емисијата 360 степени, изјави дека токму општата недоверба на граѓаните кон правосудниот систем е веројатно и причината поради која се повеќе и се почесто „свиркачи“ доставуваат документи и материјали какви што се појавија во Ла Верита, повеќе македонски портали и до ВМРО-ДПМНЕ, кое, како што соопшти Мицкоски, ги има исказите, наредбите за вештачења и резултатите од вештачењата на електронски уреди од осомничените во случајот „Рекет“.

Тој воедно најави дека очекува формирање на случаи „Рекет 2“, „Рекет 3“, „Рекет 4“ и „Рекет 5“. Начинот на кој обвинителството се однесува во случајот Рекет потсетува на очајнички обиди да се релативизира вината на Јанева, за што беа нарачувани и текстови во провладините медиуми со кои имаше за цел случајот Рекет да биде преименуван во случај Поткуп, односно вината да е кај Камчев кој наводно нудел поткуп, а Јанева прифатила да му помогне.

Медиумите не успеаа да ја завршат својата „невозможна мисија“ бидејќи Рекет е само „јаготката на шлагот“ во тортата на недоверба на народот кон правосудните институции, бидејќи граѓаните ги следат сите настани и запомнуваат кој и што правел, претпоставувајќи и со каква цел тоа го правел. Па така, ниту „Рекет“ е епохално откритие како откривањето на Америка, ниту пак поголемиот дел од народот „вчера“ се разбуди со сознание дека правосудството е под контрола на власта и „има нешто гнило“ во него.

Но, кон дополнително зацврстување на сликата дека постои силна координација и заедничко делување меѓу триото СДСМ-СЈО-ОЈО покажа начинот на кој постапува Рускоска која прво на Јанева и даде 30-тина дена за да форматира компјутери, да гине телефони и да уништува докази, па дури по излегувањето на снимките во Ла Верита „мораше“ да ја уапси.

Истото важи и за сослушаните двајца функционери на СДСМ како сведоци кои даваат исказ, Александар Кирацоски и Фросина Ременски, кои Рускоска ги повика веројатно „поради декор“, по жестокиот притисок на јавноста. На вакви заклучоци упатува фактот што нема никој друг политичар кој е повикан на распит или на разговор во врска со „Рекет“, а оние кои ги виделе записниците тврдат дека во нив има имиња на десетина политичари. На распит не се повикани ниту Лиле Стефанова, ниту судијката Весна Димишкова, ниту пак нејзиниот брат Васко. На распит не е повикан ниту шефот на управата во МВР задолжена за борба со тероризам Јовче Ременски, сопруг на Фросина Ременски и добар пријател на Боки 13.

Рускоска како да се обидува да ја минимизира штетата која од случајот „Рекет“ ќе ја има СДСМ, се повеќе и повеќе впрегнувајќи се себеси во октопод-мрежата на власта која сака целосна контрола врз правосудството. Дека Рускоска е „подготвена да и служи“ на власта се виде и по начинот на формулирање на обвинението за случувањата од 27-ми април, но и по личното признание дека била дел од Шарената револуција, во која учествуваа и Заев и сите функционери и поддржувачи на СДСМ.

Фројдовските грешки го откриваат начинот на размислување на Заев: „Судот мора да е под контрола на партијата“

И како едно „логично“ и научно објаснување на причините за се од горенаведените јасни незаконски, нелегални интервенции на власта врз правосудството, доаѓа изјава од никој друг, туку премиерот Зоран Заев, лично.

Во интервју за Сител од пред неколку дена, Заев објаснувајќи ги новите предлози кои ги доставиле до опозицијата во рамки на преговорите за новиот закон за јавно обвинителство, наместо да зборува дека „новиот обвинител треба да преземе други обвинители од СЈО“ или дека „обвинителот треба да води истраги“, тој зборува дека партија треба да преземе обвинители, односно партија да води истраги.

Според ваков начин на размислување, лесно е да се заклучи какви се „аранжманите“ на Заев со Јанева, Јовески и Рускоска, односно кој е вистинскиот обвинител и судија во Македонија денес. Дали се тоа врвни некорумпирани професионалци, или кадри кои се „подобни“ за владеачката гарнитура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.