Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова во моментов дава исказ во Обвинителството за организиран криминал и корупција за рекетирањето. Од Обвинителството велат дека распитот на Стефанова, која е повикана во својство на сведок почнал во 9:30 часот утринава. Стефанова дава исказ пред надлежен обвинител Ивана Трајчева, бидејќи Вилма Русковска е на одмор, објави 360stepeni.mk

Ова е втора обвинителка од СЈО која е повикана да сведочи за Рекет. Вчера сведочела и обвинителката Елизабета Јосифовска. Од Обвинителството за организиран криминал и корупција велат дека неделава ќе биде сослушана и шефицата на СЈО Катица Јанева, но не прецизираат кога.

Стефанова го води предметот Империја, во кој осомничен е бизнисменот Јордан Камчев. Обвинителката Јосифовска, која е формален потписник на дел од проблематичните документи како заменичка на Јанева, претходно изјави дека согласноста за враќање на пасошот на осомничениот во случајот „Империја“, Јордан Камчев, го потпишала по налог на Јанева, која била отсутна во тој период. Таа потврди и дека предметната обвинителка за „Империја“, Лиле Стефанова, не се согласувала да му се врати пасошот на Камчев.

Во случајот „Рекет“, засега единствени осомничени и притворени се Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски (Зоки Кичеец).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.