Гостиварскиот градоначалник и генерален секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари нема намера да му се извини на премиерот Зоран Заев за изјавата дека нудел ѝ пари на пратеничка за да ја придобие при формирање на парламентарно мнозинство.

Таравари тврди дека ја зборувал вистината и оти обајцата знаат што се случило.

Тој знае дека и јас знам. Ако ги решил другите проблеми и покрупни прашања, слободно нека ме тужи, тука сум. Меѓутоа ќе дојде времето кога за оваа работа ќе се прозбори јавно. Бидејќи сме во хибриден режим и не сакам да вовлекувам нашите пратеници во непријатна ситуација, оваа приказна и таа тема ќе ја завршам тука. Јасно е што е направено, изјави Арбен Таравари, генерален секретар на Алијанса за Албанците.

Во телевизиско интервју Таравари обвини дека јавна тајна дека власта се шета наоколу со куферчиња пари кои им ги нуди на пратениците.

По ова, Заев најостро демантира и најави тужба доколку Таравари не се извини за кажаното.

Гостиварскиот градоначалник десет денови пред состанокот на Европскиот совет е песимист за добивање датум за преговори со ЕУ.

Го чекаме 14 декември, бидејќи имаше ветувања за евроинтеграции. Јас и Алијанса посакуваме датум, но според сигналите што ги добиваме од Бугарија, тоа е невозможна мисија и не верувам дека тоа ќе се случи. Времето е кратко, а позитивен сигнал може да добиеме по формирањето на новата влада во Бугарија, подвлече Таравари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.